Спуштена завесата на 61-то „Охридско лето“

од Vladimir Zorba

Со интонирање на фестивалската химна и огномет, како и со театарската претстава „На отворено море“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, а во изведба на Југословенскиот драмски театар од Белград, вчеравечер на Античкиот театар во Охрид беше затворено 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Директорката на НУ „Охридско лето“, м-р Наташа Поповиќ, истакна дека фестивалот годинава испиша уште една успешна приказна во својата историја и успеа да ја прослави уметноста во време кога се соочуваме со ковид-19.

-Испишавме уште едно успешно фестивалско издание на најголемиот и најзначајниот фестивал во земјава „Охридско лето“. Доказ за тоа се врвните уметници кои настапија, позитивните оценки од стручната критика и задоволството на публиката.Со гордост можам да кажам дека понудивме богати и квалитетни уметнички вечери со врвни уметници. Низ 40-те фестивалски денови, љубителите на уметноста имаа прилика да уживаат на фестивалската сцена од каде по 61-ви пат се славеше врвната уметност.

Покрај светските уметници почит и белег дадовме и кон нашите македонски уметници, истакнати поединци и творци од областа на уметноста кои имаат светска слава. Успешно се реализираа и традиционалните вечери кои ги направиме во соработка со Амбасадите. На сцената на Античкиот театар, во предворјето на црквата „Св. Софија”, во црквата „Св. Софија”, на Долни Сарај и во Центарот за култура се одржаа преку 40 културни настани, рече на свеченото затворање директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Директорката на оваа национална установа упати благодарност до сите кои годинава се вклучија во одличната организација на фестивалот, до Претседателот на државата Стево Пендаровски кој е покровител на фестивалот, до министерката за култура, Ирена Стефоска, до Управниот одбор на фестивалот, до генералниот спонзор на „Охридско лето“, Македонски телеком, до селекторите на музичката и драмската програма, Даница Стојанова и Александар Поповски, како и до сите спонзори и помагатели без кои не може да се реализира успешно фестивалско издание.

-Посебно е задоволството е да се биде дел од тимот што го подготвува и реализира годинешново фестивалско издание. Работејќи посветено и професионално, успеавме да ги завршивме активностите за реализација на програмата и во време кога се соочуваме со ковид-кризата. Со тоа обезбедивме континуитет во поглед на успешна и квалитетна програма која ќе му даде обележје на фестивал кој успешно опстојува повеќе од половина век, додаде Поповиќ.

Актерската екипа на Југословенскиот драмски театар за затворање на годинешното фестивалско издание ја донесе семејната драма со политички конотации, „На отворено море“ од познатиот српски драмски писател и комедиограф Бранислав Нушиќ, режирана од извонредниот режисер Егон Савин.

Публиката проследи приказна за љубовната афера на една убава и среќно омажена жена со министер во влада. Позади семејните, пријателските и љубовните односи во драмата, се криеше исклучиво интерес и бескрупулозна потреба за политичко и општествено унапредување.

Брачниот пар од високото општество го играа Слобода Мичаловиќ и Ненад Јездиќ. Нивните роднини, пријатели и Нушиќеви службеници беа дел од малограѓанскиот свет и сите имаа корист од љубовната афера со министерот кој го играше Марко Баќовиќ, и токму поради тоа, сите ја премолчуваа оваа вонбрачна врска.

– Оваа претстава што е напишана одамна, зборува и за нашето денешно време како што зборува и за она време во кое се создала, за корупцијата, за распродажбата на сѐ и сешто, па дури и на љубовта и семејниот мир заради упехот и богатството.Со Егон Савин е прекрасно да се сораборува. Тој е искусен режисер со многу претастави и награди. Големо е задоволството да се работи со него, па дури и кога е строг, вели Баќовиќ.

Режисерот Егон Савин не го криеше задоволството што токму негова театарска претстава ја има честа да го затвори 61 фестивалско издание на „Охридско лето“.

-Семејна драма со политички конотации.Општествена комедија со трагични елементи. Нушиќ напишал неколку граѓански драми. Тие се необично значајни за ова време зашто го покажуваат и менталитетот кој е непроменлив, и државниот апарат кој е исто така непроменлив, и власта која е арогантна и подмитлива… Нушиќ е најгенијалниот српски драмски писател, и тоа не само како комедиограф. Јас го имав задоволството со Југословенскиот драмски театар да ја работам неговата драма „Така мораше да биде“, со голем успех. Ја работев и социјалната драма„ Зад Божјиот грб“, и оваа е трета негова драма „На отворено море“, една од најзначајните во неговиот драмски опус. Во Македонија одамна не се поставени драмите на Бранислав Нушиќ на редовниот репертоар во театрите, туку повеќе се играат неговите комедии по кои е познат и прочуен, појаснува режисерот Савин според кого, „Охридско лето“ и „Дубровничките летни игри“ се последното упориште на големите сериозни летни фестивали кои ја слават уметноста, рече Савин.

Многу театарски претстави режирани токму од Савин се одиграни на фестивалот „Охридско лето“ уште во времето на старата југословенска држава. Овој исклучително признат режисер постави и две негови премиери на „Охридско лето“, „Злосторство и казна“ и „Лаги и паралаги“.

Слични содржини