Станарите на „Максим Горки“ бараат решение: Чекаме со часови за да се ослободи паркинг место за да си одиме дома

од Берта Китинска

Неподносливата фрекфенција на улицата Максим Горки број 14,секојдневно им прави проблем на станарите од центарот на Скопје. Како што објаснуваат тие принудени се секојдневно да чекаат по половина час, некогаш и со часови за да се ослободи паркинг место и да се паркираат.

Тие велат дека речиси две децении од страна на сите градоначалници како на општината така и од Градот  добиваат ветување дека ќе се изнајде решение на овој проблем, но од сето тоа остануваат само празни ветувања.

-Кулминација на сето ова беше дописот добиен од ЈП Градски Паркинг Скопје на средината на месец март 2021 со кој не повикуваат да доставиме на увид потребна документација за да се продолжат дозволите за паркирање, без најава на никакви промени. Притоа, на самиот шалтер при доставата на документите усно сме известени дека од 01.04.2021 година само станарите од зградата број 14 и 16 (за која не се издадени паркинг дозволи) имаат забрана за паркирање на улицата на која живееме (паркиралиште Максим Горки А06) и дека ќе можеме да се паркираме преку две улици, на паркиралиштето А5 (за кое досега имавме усна дозвола дека ако не можеме да најдеме паркинг на А06 дозволено е да се обидеме на А5, но секогаш безуспешно бидејќи истото е преполно). Значи, сите останати жители на улицата ќе продолжат да се паркираат тука, вклучувајќи ги и жителите на споредните улички до Максим Горки, а само ние како жители на зградата број 14 на Максим Горки не смееме да користиме паркинг на улицата на која живееме, велат станарите.

Како што објаснуваат жителите на оваа улица тие се обратиле до надлежните институции за повторно да објаснат дека станарско право е да се паркираат на улицата на којашто живееме.

-На наше инсистирање упатени бевме телефонски да се обратиме кај госпоѓа Валентина (раководител во ЈП Градски Паркинг, согласно информацијата од вработените на шалтер), која одбиваше да го чуе и разбере секое наше образложение на оваа апсурдна ситуација, со кратки објаснувања дека оставале простор за издавање нови станарски дозволи, дозволи на лица кои работат во близина, како и за поголемо комерцијално работење на претпријатието на улицата. Да потсетиме дека основно станарско право е да се паркираме на улицата на којашто живееме, а дополнително претпријатието може да врши комерцијално работење. Во случајов, комерцијалното работење е над нашето право за паркинг, но само за мал дел од корисниците (жителите на нашата зграда, во која дел од нас живееме и преку 50 години).

Револтирани од дискриминирањето и понижувањето од страна на ЈП Градски Паркинг, упативме писмен допис со барање за решавање на овој проблем до нив, Градоначалникот на Град Скопје г-н Петре Шилегов и Град Скопје – Сектор за сообраќај, а одлучни сме да се обратиме и на повисока инстанца доколку не наидеме на никакво разбирање од нивна страна. (Забелешка: испртениот допис е потпишан само од дел од станарите и без печат од заедницата на станари поради изолација заради ковид на дел од станарите, вклучувајќи го и претседателот ЗС), објаснуваат тие.

Станарите велат дека овој навидум мал проблем, предизвикува секојдневни нервози.

-Ваквото малтретирање на користење паркинг преку две улици од местото на живеење, особено сега во време на пандемија, е показател за ставање на материјалните интереси наспроти интересите на жителите, а уште повеќе што е директна дискриминација на нас, објаснуваат жителите од Максим Горки број 14.

Слични содржини