Стојков за „Локално“: Македонија треба да стане достоинствен член на ЕУ, а не да се влечка бескрајно како државичка за потсмев со народ за мајтап

од Nikola Popovski

Го имаме видено и нашата партија го има јавно осудено како неприфатлив. Македонија само губи и ништо не добива со него. Добиваат другите – Албанија, која навистина ќе започне преговори; Европа, која ќе ја се ослободи од срамот што не е способна да ги одржува своите ветувања, ниту е кадарна да ги применува демократски критериуми и да го контролира шантавиот национализам на своите членки; Бугарија, која добива зелено светло да ја бугаризира Македонија, вели за „Локално“ копретеседателот на партијата ОМО Илинден-Пирин, Стојко Стојков во врска со францускиот предлог кој ја бранува македонската јавност.

Стојков смета дека ако Протоколот меѓу македонската и бугарската влада што се спомнува во францускиот предлог, е во форма во кој беше објавен во бугарските медиуми, „тоа значи велепредавство, за директно нарушување на црвените линии одредени од македонскиот парламент“.

-Ако објавениот текст – не е договорениот – македонската влада носи директна одговорност, што го нема демантирано, а ниту ја има запознаена јавноста со него, дециден е тој.

Во однос на најавите дека ова можеби е последниот воз за евроинтеграции на Македонија, копретседателот на ОМО Илинден-Пирин вели дека „ова е ќорсокак“.

-Вагон без локомотива и на глува темна линија. Ако имавме лидери кои да беа способни да кажат „не!“, кои да не разговараат за работи, за кои никој со достоинство не разговара, бугарското вето ќе беше паднато одамна, ако воопшто и дојдеше до него. Но со политика на постојана сервилност, спремност да правиш отстапки и бараш компромиси по бескомпромисни прашања, праќаш сигнали кои дејствуваат како крвта во водата на ајкулите. Треба да се стави крај на политиката на без’рбетие, што дојде со Зоран Заев; никој нема да не заштити ако вака срамно се однесуваме, појаснува Стојков.

Според него, со ова однесување „ги окрилуваме непријателите и ги засрамуваме пријателите“.

-Македонија треба да стане достоинствен член на Европската унија, а не да се влечка бескрајно по евроинтеграциите како државичка за потсмев со народ за мајтап, констатира Стојков.

Тој го оправдува револтот на граѓаните изразен на протестите против францускиот предлог.

-Ако граѓаните не се доволно запознаени кој е виновен? Нема како да се запознаеш со документи кои се кријат, како фамозниот протокол со Бугарија. Во прашање е зделка за иднината на сите граѓани, а истата се врши на темно. Граѓаните се сувереност, никоја влада не треба да го заборава  тоа, објаснува Стојков.

Копретседателот на партијата информира дека владее лошо расположение меѓу Македонците во Бугарија по однос на овој предлог.

-Полошо не може да биде. Македонските влади 31 години доследно ги предаваат Македонците во Бугарија. А сега стигнаа на работат да се предадат и себе си и целиот македонски народ. Ние цврсто бараме реципроцитет – ист третман за двете малцинства. Но како да се достигне до тоа кога за 31 години не може „јунак да се најде“ во македонските влади да го постави тоа прашање пред Бугарија? Мислите ли дека сега ќе се најде таков? Јас – не, посочува Стојков.

Н.П.

Слични содржини