Столтенберг: Не смееме да ја жртвуваме безбедноста поради профит

од Nikola Popovski

Западните земји не смеат да ја жртвуваат безбедноста за економска корист, предупреди во вторникот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, осврнувајќи се на дебатите за употребата на кинеската технологија во 5G мрежата и безбедноста на гасоводот Северен тек 2.

„Слободата е поважна од слободната трговија, заштитата на нашите вредности е поважна од профитот“, рекол Столтенберг во говорот на Светскиот економски форум во Давос.

„Не сум против трговијата со Кина, но сакам да кажам дека, на пример, контролата на 5G мрежите е од витално значење за безбедноста“, појаснил тој.

САД долго време бараат од Европа и другите земји да ја исклучат кинеската технологија од 5G мрежите. Вашингтон го гледа кинескиот производител на телекомуникациска опрема „Huawei“ како продолжена рака на надзорниот апарат на Кинеската Комунистичка партија.

„Не можеме да кажеме дека во интерес на профитот и слободната трговија ќе ги отвориме овие мрежи само за добавувачи кои не се кредибилни кога станува збор за безбедноста“, навел Столтенберг.

Слични содржини