Украина продолжува да ѝ нанесува „тешки загуби“ на Русија по некои од „најинтензивните борби“ од почетокот на војната во февруари 2022 година, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Украинците можат да им нанесат големи загуби на руските напаѓачи, како во однос на војниците, така и во однос на борбениот капацитет“, рече Столтенберг на прес-конференција во Брисел.
Тој рече дека овие воени загуби биле нанесени во текот на последните недели.
Покрај тоа, Столтенберг на прес-конференција во Брисел ја повика Турција да го ратификува приемот на Шведска во Алијансата „што е можно поскоро“.
„Шведска ги исполни ветувањата и сега дојде време Турција да го финализира пристапниот процес“, рече Столтенберг.
Во средината на ноември турскиот парламент почна да расправа за протоколот за прием на Шведска во НАТО, кој се чека од мај 2022 година, а за кој е потребно едногласно одобрение од 31 членка на Атлантската алијанса.
Турција и Унгарија се последните земји-членки на НАТО кои го блокираа влезот на Шведска, бидејќи во март го одобрија пристапот на шведскиот сосед Финска, која заедно со Шведска поднесоа барање за приклучување.
По неколкумесечниот притисок врз шведските лидери, кои ги обвини дека се меки кон некои турски курдски бегалци кои Анкара ги обвинува за тероризам, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го укина ветото во јули и рече дека конечната одлука е на турскиот парламент.