Судскиот совет го определи Џолев за В.Д. претседател на Основен Кривичен суд

од Vladimir Zorba

Судскиот совет определи, согласно законот, вршител на должноста претседател на Основен Кривичен суд, судијата Иван Џолев.

Во случајот, Судскиот совет постапи според членот 89 од Законот за судовите во кој е наведено: „Во случај на разрешување или престанок на мандатот на претседателот на судот, до избор на нов претседател на судот, Судскиот совет на Република Северна Македонија од редот на судиите во судот определува вршител на должноста претседател на судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови“.

Ззаконот вели дека оглас за избор на претседател на суд се распишува 60 дена пред истекот на мандатот, но овие 60 дена се погодија во кампањата на локални избори. Локалните избори беа закажани на почетокот на август, а имајќи ја предвид препорката на Антикорупциската комисија, дека Судскиот совет не смее да избира и разрешува судии за време на изборна кампања, едноставно не можеше да се распише оглас за избор на претседател.

Во случај на определување на в.д. претседател на суд не е потребно распишување на оглас. Во блиска иднина ќе биде објавен оглас за избор на претседател на Основен кривичен суд, како и на други три основни судови, Тетово, Куманово и Ресен.

„Определувањето в.д. претседател се врши за да може Кривичниот суд непречено да функционира, со оглед на сериозните судски процеси и со оглед на обемната работа на овој суд. Судијата Џолев е определен заради континуитетот во работата и затоа што судот под негово водство спаѓа во листата ажурни судови и затоа што овој судија е оценет со висока оценка за работата“, соопшти порпаролот на Судски совет, Љубиша Арсиќ.

Слични содржини