Таен состанок: Планот на АфД и неонацистите за протерување на милиони странци од Германија

од Stefanija Kuzmanovska

Политичарите на АфД, неонацистите и богати бизнисмени на таен состанок планирале ништо помалку од протерување од Германија на милиони луѓе од странско потекло, дури и оние кои имаат германски пасош.

На тајниот состанок одржан на 25 ноември 2023 година, нешто повеќе од дваесет луѓе – меѓу нив четворица политичари на Алтернатива за Германија (АфД), двајца членови на ЦДУ од десното крило на оваа демохристијанска партија која себеси се нарекува Унија за вредности, австрискиот десничарски екстремист Мартин Селнер, како и приватни лица – потомок на првиот канцелар на Германската империја, Бизмарк, адвокати, претприемачи, лекари – наводно разговарале за мастер план кој вклучувал протерување на милиони луѓе од Германија.

Ова го објави медиумската компанија „Коректив“, која дошла до писмата на организаторите на средбата и чии новинари биле на лице место, во хотелот Ландхаус Адлон во близина на Потсдам, каде што се одржал состанокот. Некои документи ѝ биле обезбедени на „Коректив“ од страна на „Гринпис“, кој исто така истражуваше на оваа тема.

Гернот Мориг, пензиониран стоматолог од Дизелдорф и Ханс-Кристијан Лимер, познат инвеститор во гастрономијата, биле поканети на состанокот на групата која себеси се нарекува Дизелдорфски форум. Лимер не бил присутен на средбата, играјќи ја улогата на богаташ во позадина, пишува „Дојче веле“.

5.000 евра за „мастер план“

Во писмото со кое се поканува состанокот се вели: „На средбата ќе биде претставен стратешкиот концепт во однос на мастер планот“. И: „Шансите нашата земја да се врати во нормален и здрав правец се поголеми од кога било досега“.

Според писмото, за учество ќе биде потребна минимална донација од 5.000 евра. Оваа донација треба јасно да стави до знаење дека собирањето пари „е главната задача на нашата групација“, се вели во писмото потпишано од претприемачот Лимер и познатиот десничарски екстремист Гернот Мориг.

Во друго писмо со покана, потпишано само од Мориг, се вели: „Целиот концепт во однос на мастер планот ќе биде претставен од никој друг туку Мартин Селнер“.

Протерување на Германците од Германија?
Неколку извори на новинарите на „Коректив“ им пренеле изјави од средбата. Фокусот на состанокот бил десничарскиот екстремистички концепт што АфД официјално го отфрла и кој беше претставен од Австриецот Мартин Селнер, долгогодишниот шеф на Идентитарното движење: „Ремиграција“ на луѓе од странско потекло кои живеат во Германија, вклучително и германски граѓани со мигрантско потекло. За време на предавањето тој го објаснува концептот на следниов начин: Постојат три целни групи: баратели на азил, странци со право на престој и неасимилирани германски државјани. Според него, вторите се најголемиот проблем.

Силке Шредер, претприемач со недвижнини и член на управниот одбор на Здружението за германски јазик, кое е блиско до ЦДУ, прашала како тоа треба да функционира во пракса. Затоа што штом некој има соодветен пасош, тоа е едноставно невозможно, рекла таа.

Ова не е пречка за Селнер. Тој одговорил: Мора да се изврши голем притисок врз луѓето да се приспособат, на пример преку скроени закони. Ремиграцијата не може да се направи брзо, тоа е десетгодишен проект, предупредил Селнер.

Учесниците на состанокот објасниле како точно би сакале да ја применат оваа стратегија во пракса доколку АфД дојде на власт: Тие зборувале за експерти кои треба да развијат правно остварлив концепт.

Очигледно одобрение од политичарите на АфД
Според „Коректив“, политичарите на АфД присутни на состанокот се согласиле со презентираниот концепт. Еден од нив, Улрих Зигмунд, лидер на парламентарната група на АфД во парламентот на Саксонија-Анхалт, додал: Во неговата покраина треба да се внимава да биде што е можно понеатрактивна за животот на оваа клиентела.

Претставничката на АфД во Бундестагот, Герит Хју, рекла дека долго време се залага за таква цел и дека кога пред седум години се приклучила на партијата, веќе го имала концептот на ремиграција. Поради оваа причина, АфД повеќе не се противи на двојното државјанство: „Затоа што тогаш можете да им го одземете германското, затоа што имаат друго“. Според Хју, мигрантите со германски пасоши треба да бидат намамени во стапица.

Еден од учесниците на состанокот бил Роланд Хартвиг, личен советник на лидерката на АФД, Алис Вајдел. Пред сè, неговото учество покажува дека десничарските екстремистички идеи го достигнуваат врвот на АфД. Според истражувањето на „Коректив“, Хартвиг ​​на состанокот се согласил содржината на средбата да ѝ ја пренесе на својата партија на највисоко ниво.

Слични содржини