Тешко се доаѓа до заеднички јазик во Историската комисија, тврди Вангелов

од Nikola Popovski

Работата во Историската мешовита комисија во голем дел е јалова. Тешко се доаѓа до заеднички јазик, речиси е невозможно. Некогаш се приближуваат позициите, но многу ретко. Спора е работата бидејќи другата страна инсистира на еден вид работа која ние не ја замислуваме како работа на Комисијата, информира членот на комисијата, историчарот и професор Огнен Вангелов.

Тој верува во колегите и нашиот тим и мисли дека треба да останат заедно.

-Работата е тешка. Ние имаме мандат според Договорот за добрососедство, ние сме тело формирано од МНР. Ако тоа реши дека треба да запре работата, ќе запре. Лично сметам дека работата внатре е речиси комплетно застаната, нема напредок. Различно ја замислуваме работата со другата страна, во однос на тоа на пример што значи заедничка историја. Јасно е за јавноста дека тој термин постои во Договорот за добрососедство, истакна Вангелов во емисијата „Утрински брифинг“.

-Предлогот за трета страна и експерти од врвни универзитети да седнат на маса со нас беше одбиен од бугарската страна. Нивната поранешна министерка Захариева категорично одбиваше. Прашањето е зошто не? Зошто на бугарската страна ѝ пречи некој од надвор да види како работи внатре Историската комисија? Очигледно бидејќи нештата на кои инсистираат тешко би наишле кај некој експерт кој е запознат со ваквата работа, бидејќи нема ништо од тоа во препораките на Советот на Европа, потенцира Вангелов.

Слични содржини