Тевдовски, Узунов, Беџети и Бишев со предлог решенија за водење на економијата во државата

од Nikola Popovski

Вчера, се одржа јавна дискусија „Нова ера, нова надеж” кадешто се разговараше за нов концепт на водење на економијата после соочувањето со најголемите здравствени, економски и воени шокови изминативе неколку години, во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт” – канцеларија Скопје (ФЕС).

Учество на оваа дискусија зедоа универзитетските професори Драган Тевдовски, Ванчо Узунов, Глигор Бишев, Драган Миновски, Академик и Ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа Абдуламенаф Беџети, претставничката на Елсон Солушанс Олимпија Христова-Заевска, како и проектната координаторка во ФЕС Ивана Вучкова.

Вучкова, информираше дека заеднички со експертите кои долги години работат во земјава и во странство на полето на економијата е изготвена публикација насловена „Нова ера, нова надеж” во која се понудени предлог решенија и политики за зајакнување на улогата на државата, за унапредување на отпорноста на домашната економија, за надминување на енергетската криза и за уживање на придобивките од енергетската транзиција.

„Нова ера, нова надеж” предлага нов концепт на водење на економијата во кој подеднакво се води сметка и за социјалните и за еколошките предизвици. Продолжуваме и понатаму да се залагаме за економија која е праведна, а ќе продолжиме и со креирање простор за широк јавен дијалог кој ќе ги вклучи сите засегнати страни и ќе иницира понатамошни дискусии на овие значајни теми, кои се од голема важност за иднината на сите нас”, рече Вучкова.

Главната порака што беше испратена од денешната дискусија е дека е потребно да се засили улогата на државата во економијата, а трансформацијата треба да се потпира врз неколку столба – зголемување на јавните вложувања во обновлива енергија и други аспекти на зелената транзиција, зголемување на јавните инвестиции во социјална заштита, образование и здравство, спроведување на подобри земјоделски политики, подобрување на политиките со цел да се привлечат странски инвестиции, како и воведување попрогресивни даноци.

Во однос на прашањето што треба да направи Европската Унија за да го поддржи регионот, беше потенцирано дека ЕУ треба да го промени својот сегашен пристап кон регионот, со тоа што ќе го сфати регионот многу посериозно. Ова треба да биде комбинација од побрза интеграција во ЕУ, поголема вклученост во решавањето на регионалните политички прашања, како и обезбедување на итна и соодветна финансиска поддршка.

Универзитетскиот професор Тевдовски, потенцираше дека фискалниот простор е клучен за да може државата да одговори на криза давајќи го примерот со ковид кризата којашто покажала колку е важен фискалниот простор на земјата. Тој посочи дека кај нас постои можност фискалниот капацитет да се зголеми со подобрување на приходите на државата. Вториот елемент на којшто треба да биде поставен фокусот е намалување на јавниот долг.

Академикот и ректор на УЈИЕ Беџети, рече дека историски гледано, најголемите промени во даночната сфера се случувале токму за време на најголемите кризи. Тој потенцираше дека државата треба да се биде се’ почесто присутна, да поддржува и да создава амбиент со системски решенија во сите сфери од општественото живеење.

Универзитетскиот професор Ванчо Узунов изјави дека за намалување на негативното влијание од недостатокот на работна сила неопходно е преземање на повеќе мерки, меѓукои пораст на просечната продуктивност, пораст на бројот на работоспособно население, како и променување на начинот на користење на времето. Узунов рече дека подобрувањето на квалитетот на образованието треба да биде во правец на воведување и широко изучување на сплет на знаења наречени „вештини за 21 век” кои недостасуваат во земјава, како критично мислење, креативно мислење, соработување, комуницирање, писменост за информации, медиумска писменост, технолошка писменост, флексибилност, ефикасност и ефективност, вештини за делување во општествена средина.

Универзитетскиот професор Глигор Бишев истакна дека државата и домашниот приватен сектор потребно е да ги зголемат значително инвестициите во образование, истражување и развој. Тој потенцираше дека потребни ни се иновативни политики и идентификување на носители на промените, а во тој дел ја гледа и улогата на Фондацијата Фридрих Еберт и ги охрабри за понатамошни истражувања во јавноста.

Универзитетскиот професор Миновски истакна дека енергетската транзиција е процес кој е веќе присутен во земјава, меѓутоа за успешна енергетска транзиција потребна е стратегија која ќе има силен политички консензус и во која граѓаните ќе имаат централно место.

Христова-Заевска посочи дека Северна Македонија треба да гради модел на привлекување на странски директни инвестиции заснован на сериозни инвестиции во основа и применета наука. На тој начин, државата ќе може да го апсорбира знаењето кое доаѓа од странските директни инвестиции, но и да создава ново знаење и да напредува технолошки.

Слични содржини