Трендафилов обвини за „шестар систем“ во судството и ги објави имињата на врховните судии кои гласале за одземање на зградата на ССМ

од Nikola Popovski

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов побара оставка од тројцата судии во Врховниот суд – Шпенд Деваја, Исамедин Лимани и Наќе Георгиев, за кои вели, дека донеле одлука за одземање на имотот на ССМ.

Трендафилов вели дека жали што овие врховни судии не знаат дека од 2010 година има нов Закон за здруженија и фондации, во кој во членот 2 се наведува дека одредбите од овој закон не се однесуваат на партии, цркви, верски заедници, синдикатите, коморите и други видови на здружување.

Претседателот на ССМ вели зградата на ССМ е изградена во 1958 година од работнички раце.

-Постои шестар систем во судството – да ги бодат законите и да бираат кој ќе го применуваат за временски период во кој нив ќе им одговара, е катастрофа и погубно за судството. Токму поради ваквите судии, довербата во судството е мизерни 2%, кажа Трендафилов на прес-конференција.

Истакнува дека се принудени да си ја „срамат сопствената држава пред меѓународните институции“. Планираат да поведат постапка пред Судот во Стразбур.

Трендафилов наведе дека наредната недела ќе започнат постапка пред Републичкиот судски совет за разрешување на тројцата судии од Врховниот суд.

-Уште еднаш јавно да прашам на кого му треба Работничкиот дом? Среќни сме за поддршката од целокупното општество. Погубно е за Македонија ова што се случува и се отвора пат за владеење на незаконието, кажа првиот синдикалец, додавајќи дека нема да ја предадат зградата „на тацна“.

Слични содржини