„Трезор“: Мијалков доби 8 години затвор

од Nikola Popovski

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков за предметот „Трезор“ доби единствена казна затвор во времетраење од 8 години, соопшти денес Основниот кривичен суд во Скопје.

Поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски доби 5-годишна затворска казна, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ исто така доби казна затвор од 5 години, а поранешениот началник на Петтата управа во МВР-Горан Грујевски, за кого се чека одлуката од Грција за екстрадиција, заработи казна затвор од 15 години.

Сите овие лица се обвинети за злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.

Според пресудата, ќе се конфискуваат и 838.106 денари и 145.619 евра, од сметки на фирмата Финзи како и автомобил Ауди А4 вреден 2.026.285 денари. Дополнително, обвинетите треба и да ја надоместат штетата од 21.158.296 денари.

Судењето за случајот „Трезор” почна на 17 јануари, 2018 година. Според судијката Џенета Бегтовиќ, во текот на постапката биле изведени вкупно 714 материјални докази, сослушани 17 сведоци, беше изведено едно вештачење и сослушани беа двајца технички советници.

Слични содржини