Трипуновски демантираше дека живее на местото каде што го фатија Анакиев со 50 илјади евра, па тврди дека и Петровска живее во комплексот „Џевахир“

„Ќе ве замолам истото ова да го повторите на партиска говорница за да можеме да се соочиме пред правосудните органи“, порача министерот

од Nikola Popovski
681 прегледи Фото: МЗ

Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски објави дека на собраниската седница за поставување на пратенички прашања, пратеничката Славјанка Петровска изнела низа, како што вели, невистини со цел да се удри врз неговиот углед, личен и професионален интегритет.

Трипуновски обвинува дека ниските удари и неоснованите обвинувања се само одраз на хистеријата што владее во редовите на СДСМ.

-Секое дно го пробивте, од лаги, конструкции, растурања на пердуви, не ви поминаа лагите за ИПАРД, па сега најново измисливте сум живеел на место каде што го фатиле поранешниот директор со 50.000 евра.

Замислете до каде одите, со какви конструкции се служите. Па и Вие, г-ѓа. Славјанка Петровска живеете во тој комплекс, кој впрочем има 4 кули по 40 ката.

Од собраниска говорница сте многу гласни, ќе Ве замолам истото ова да го повторите на партиска говорница за да можеме да се соочиме пред правосудните органи, бидејќи овие клевети што ги фрлате врз мене се доказ дека сте немоќни, имате недостаток на аргументи, затоа се служите со клевети и измислици, објави министерот.

На денешната седница за пратенички прашања, пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ извади фотографии, според кои екс-директорот на Државниот инспекторат, Васе Анакиев, бил уапсен со пари на подземниот паркинг во зградите „Џевахир“, каде стан според неа, имал и министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.

„Го уапсивте само директорот а не и крајниот корисник на тие средства. Локацијата на апсењето на директорот е во подземна гаража од каде се оди кон станот на Цветан Трипуновски“ рече Петровска, сомневајќи се дека МВР овој дел го заташка пред јавноста.