Трипуновски: Брисел потврди нема неправилности во постапките, ИПАРД средствата повторно се достапни на располагање

Државата времено ги суспендираше плаќањата за македонските земјоделци од ИПАРД 3 програмата додека траеше истрагата за мито за екс-директорот на Платежната агенција, Стоилев кој беше фатен како прима поткуп од 400 евра - прва рата од ветените 50 илјади

од Nikola Popovski
82 прегледи Фото: МЗ

„Денес пристигна официјално известување од страна на ЕК, Генерален Директорат за земјоделство и рурален развој, дека средствата од ИПАРД програмата повторно се достапни на располагање за македонските земјоделци. Согласно навремено превземените активности, направената целосна и детална контрола за користење на средствата од ИПАРД програмата е утврдено дека нема неправилности во самите постапки. Што значи дека системот функционира, институциите постапуваат одговорно, транспарентно во интерес на македонските земјоделци“, рече денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски на прес-конференција во Владата.

Тој појасни дека Брисел никогаш не ги блокирал средствата, но во моментот кога излезе во јавноста за случајот со злоупотреба од страна на претходниот директор на Платежната агенција, се активирал националниот механизам.

„Тогаш го известивме Брисел дека е потребно да се изврши вонредна контрола со цел да не се дозволи да се фрли црна дамка, инициравме преку еден транспарентен начин да се проверат сите активности поврзани со средствата од ИПАРД фондовите. Истото беше препознаено како одличен чекор од Брисел со тоа што навремено се интервенираше во оваа ситуација. Следеше темелна проверка од ИПА структурата по што се достави сеопфатна информација до европските институции согласно воспоставените процедури“, рече министерот.

Со ова, додаде Трипуновски, сакам да ги демантирам и шпекулациите кои тенденциозно се пласираа во јавноста од страна на опозициската партија СДСМ, обидувајќи се да создадат лажна слика, паника и револт кај македонските земјоделци, тврдејќи дека ИПАРД средствата се блокирани, а земјоделците ќе останат без поддршка.

„Но, денеска по кој знае кој пат нивните лаги паѓаат повторно во вода, вистината излезе на виделина. Додека СДСМ се служи со конструкции, и е заглавена во старата матрица на ширење на лаги, манипулации мислејќи дека на тој начин ќе обезбеди некој политички поен, ние како Влада носиме резултати и обезбедуваме пари за нашите земјоделци. Во тоа е разликата помеѓу нас, наместо политиканство и дезинформации, ние избравме транспарентност, соработка со европските институции и заштита на секој денар наменет за македонските земјоделци“, рече Трипуновски.

Тој упати порака до земјоделците да продолжат да аплицираат, да инвестираат и да го развиваат нивното земјоделско производство.

Државата времено ги суспендираше плаќањата за македонските земјоделци од ИПАРД 3 програмата додека траеше истрагата за мито за екс-директорот на Платежната агенција, Илија Стоилев. За оваа одлука Министерството за финансии ги извести и Европската Комисија и службите во Брисел.

Стоилев беше фатен како прима поткуп од 400 евра. Тоа било прва рата од ветените 50 илјади евра. Парите му ги понудил поранешниот министер за локална самоуправа и правда, Џевдет Насуфи кој сега е сопственик на агро фирма во Струга. Во акцијата осомничени се пет лица. Четворица се во ефективен, а само споменатата Костадинова доби мерка куќен притвор.

Слични содржини