Царовска: Ова е истото ВМРО ДПМНЕ кое носеше 200 закони за 12 часа и тоа ноќе

од Nikola Popovski

„Имате рециклирани кадри на Груевски, самиот Мицкоски е кадар на Груевски. Тоа што го нуди ВМРО ДПМНЕ во програмата е нешто кое веќе е реализирано од наша страна, но тоа се должи на нивното незнаење и на фактот дека немале што да напишат. Денес нема ништо ново и ништо различно од тоа до ова ВМРО ДПМНЕ. Ние избравме Антикорупциска комисија јавно пред очите на сите граѓани. ВМРО ДПМНЕ слушавме како ги нарачува пресудите, сега е поинаку, но тоа не можете за две години да го промените“, изјави потпретседателката на СДСМ, Мила Царовска во емисијата „Само вистина“ на Канал 5.

Според неа, Зоран Заев и СДСМ се потрудиле да донесат закони со кои го ослободува судството.

„Ние најавивме дека ќе имаме ревизија на пет отсто од предметите. Судската власт е независна, затоа ние ќе создадеме услови за да може судството самото да се исправи и да се реформира, по примерот на Антикорупциската комисија. Нема да дозволиме никогаш повеќе, ниту една политичка партија да се меша во судството“, смета таа.

Во однос на Законот за недискриминација, Царовска вели дека тој не е на сила затоа што поранешниот претседател, Ѓорге Иванов не сакал да го потпише и не е точно дека не се почитувале процедурите за негово изгласување.

„Вистината е дека Иванов не сакаше да стави потпис. Затоа истакнувам дека ова е истото ВМРО ДПМНЕ кое носеше 200 закони за 12 часа и тоа ноќе, ова е истото ВМРО ДПМНЕ кое донесе Закон за прекин на бременоста во рок од три дена. Затоа граѓаните лесно можат да направат разлика, ние секогаш важните закони ги носиме во консултации со јавноста, експертите, со засегнатите… Сите сега во ВМРО ДПМНЕ се обидуваат да покажат нова слика, но истите се“, изјави Мила Царовска, која заедно со Никола Димитров е носителка на изборната листа во првата изборна единица.

Слични содржини