Црногорскиот премиер и седум министри казнети со по 500 евра

од Stefanija Kuzmanovska

Премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ и седум министри го прекршија Законот за спречување корупција бидејќи не ги пријавиле сите приходи и имот, утврди надлежната Агенција.

Агенцијата за спречување корупција издаде прекршочни наредби со кои се казнети министерот за капитални инвестиции Младен Бојаниќ, министерката за здравство Јелена Боровиниќ Бојовиќ, министерката за одбрана Оливера Ињац и министерот за економски развој Јаков Милатовиќ во износ од по 500 евра.

Министерот за надворешни работи Ѓорѓе Радуловиќ, министерката за јавна администрација Тамара Срзентиќ и министерот за екологија Ратко Митровиќ беа казнети со иста сума.

Законот предвидува дека јавниот службеник е должен да достави точни и целосни податоци во извештаите за приходите и имотот, а за оние кои нема да го сторат тоа, е пропишана парична казна од 500 до 2.000 евра.

Со оглед на тоа дека им биле издадени прекршочни налози, им била изречена најниската парична казна.

Незадоволен од одлуката, министерот за капитални инвестиции Младен Бојаниќ напиша дека Агенцијата за спречување корупција продолжува да се бори против неистомислениците на претседателот Мило Ѓукановиќ.

Прекршувањето на Законот се однесува на имотните картички кои премиерот и министрите ги доставиле до Агенцијата во рок од 30 дена по преземањето на функцијата.

Слични содржини