Цветковиќ: Книгите од кои учат нашите деца не заслужуваат да се наречат учебници

од Берта Китинска

Самохраните мајки се кориснички на социјална помош, беспомошни родители и зависни од мажите, жените раѓаат, перат и „шиат“, а мажите кои помагаат дома се папучари и „слабичи“ , оваа содржина е дел од дискриминирачкиот учебник по социологија за трета година за кој се очекува да биде повлече.

Според Ирена Цветковиќ од Коалицијата „Маргини“ овој тип на наративи кои се споменуваат во учебниците никогаш не се без ефект кај оние кои ги примаат.

-Мора да разбереме дека образованието не е тренинг систем кој продуцира идна работна сила. Оваа визија за образованието е кусогледа и банализирачка.Училиштето е многу повеќе од фабрика за идни работници и шефови. Време е да почнеме да го согледуваме сиот потенцијал на образовните системи глобално, и да разбереме дека (да се изразам народски) „до ова дереџе“ сме дојдени меѓудругото заради исклучително лошиот квалитет на образование. Не постои поголема неправда врз своите деца од страна на една држава од ова што нашата држава и систем ни го прави со децении преку лошо образование. Јас, заедно со неколку мои колешки, правевме анализа на учебници од основно образование. Можам само да кажам- оние книги од кои учат нашите деца не заслужуваат да се наречат учебници, тоа е срам за една земја и срам за еден народ, вели Цветковиќ во разговор за „Локално“.

Таа објаснува дека по нејзната анализа од родова прспектива, пронајдени се комплетно неточни дефиниции во учебниците, измешани концепти.

-Има песнички и приказни во кои се нормализира тепањето на жената, се поттикнува палавоста и љубопитноста само кај момчињата, а пасивноста и потчинетоста кај девојчињата, приказни во кои се охрабрува измамата, се оправдува булирањето и слично.Според податоци на светска банка, просечен ученик поминува повеќе од 1000 часови годишно во училиште секоја година. За некои ова се години поминати во безбедна и сигурна средина, опкружени со поддржувачки наставници и врсници. Но, за некои тоа воопшто не е така. Според HBSCM студијата (студија за однесувања поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст) околу една четвртина од децата во училиштата во Македонија претрпеле вербално или психолошко насилство (13 и 15 годишни), еден или два од десет ученика е жртва на физичко насилство воучилиште, а речиси исто толку декларирале дека биле жртви на кибер билинг, посочува таа.

Она што уште повеќе плаши, децидна е Цветковиќ, е одговорот на децата, односно какво е менталното здравје на нашите деца вклучени во образованиот систем, подвлекува таа, додавајќи дека околу третина од младите изразуваат лоши чувства на тага и безнадежност, еден во десет размислува за самоубиство, а овој процент е 36% кај геј момчињата, и околу 5% кај стрејт и 25% кај геј младите имаме планирање на самоубиство.

-Тоа се млади на 13 и 15 години кои барем еднаш во животот планирале самоубиство. Нешто е многу труло во нашиот образовен систем, смета таа.

Овие знаења кои децата ги добиваат, според Цветковиќ не им служат само за да бидат повторно добри работници или работодавачи, туку тие знаења ја комплетираат личност во вистинска смисла на зборот.

-Демократските вредноста, правдољубието, неомразата, пацифизмот, солидарноста, емпатијата и други човечки особини произлегуваат не само од домашното туку и од државното/школското воспитување и учење. Какви генерации воспитуваме кога од најмали нозе ги учиме децата дека ако се девојчиња треба да бидат мајки и домаќинки, ако се момчиња мора да заработуваат за целото семејство и да бидат посотојано успешни, дека различните се болни и девијантни, дека не треба да бидат прифатени туку исклучени? Тоа се генерации на конформисти, мразачи, насилници и дискриминатори, објаснува таа.

Професорите мора да имаат пристап до знаења за да успеат во целта

Цветковиќ вели дека и покрај воведувањето на реформите во образованието за жал тоа повторно е жртва на политиката и истата е закочена заради повторна промена на министри во МОН.

-Коалиција Маргини веќе 10 години работи на отстранување на дискриминаторски и стереотипни содржини од учебниците и она што можеме со сигурност да го кажеме е дека ad hoc иницијативи за промена на дел од учебниците е недоволно. Ние застапуваме за сеопфатна реформа во образовниот систем, реформа која ќе ја позиционира родовата рамноправност, како и превенцијата и заштитата од дискриминација и насилство во своето средиште. МОН во последните две години многу активно се консултираше со нас, но и другите организации во однос на овие промени. Токму затоа ја поздравивме најавената реформа која започна со новата концепција за основно образование, усвоена во март 2021 година. За жал, повторно образованието е жртва на политиката и истата сега е закочена заради повторна промена на министри во МОН, подвлекува таа.

Таа напоменува дека нивната коалиција активно споделува знаења и ставови кои ќе продолжи да ги доставува и до новиот министер доколку тој изрази волја да ги продолжи активностите од реформата.

– Маргини оваа година изготви две анализи- родова анализа на наставните програми за прво и четврто одделение опфатени со новата концепција и анализа на законите од областа на образованието од аспект на родова еднаквост и недискриминација. Двете анализи нудат препораки за подобрување на законската рамка, учебниците и наставните програми со цел искоренување на овие содржини од учебниците, но и превенција на идни вакви содржини во рамки на образовниот процес, објаснува Цветковиќ, додавајќи дека наставниците и професорите мора да имаат пристап до знаења и вештини за да успеат во целта за по пордуктивна настава.

-Тука е клучен влогот на Бирото за развој на образованието во насока на развивање и имплементирање на обуки наменети за наставниот кадар. Според нашите сознанија овој тип на обуки се спроведуваа изминативе година-две, но важно е процесот да не сопре, бидејќи патот кој ни претстои е долг и макотрпен, вели таа.

Б.М.

Слични содржини