Турција предупредува дека може да го замрзне процесот на приклучување на Шведска и Финска во НАТО

од Nikola Popovski

Турција се уште може да го „замрзне“ членството на Шведска и Финска во НАТО доколку двете земји не преземат чекори кои ги исполнуваат безбедносните барања на Анкара, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Минатиот месец Турција го повлече својот приговор за приклучување на Шведска и Финска во алијансата, но предупреди дека ќе го блокира процесот доколку не успеат да екстрадираат осомничени поврзани со забранетите курдски групи или мрежата на прогонетиот свештеник Фетулах Ѓулен обвинет како организатор на неуспешниот пуч.

Приемот на нордиските земји допрва треба да биде одобрен од парламентите на сите 30 членки на НАТО, а турскиот парламент би можел да одбие да го ратификува договорот.

„Би сакал да повторам дека доколку овие земји не ги преземат неопходните чекори за да ги исполнат нашите услови, ќе го замрзнеме процесот на пристапување. Нашиот став по ова прашање е многу јасен. Останатото зависи од нив“, рече Ердоган.

Шведска и Финска не одговорија веднаш на коментарите на Ердоган.

Турција ги обвинува двете земји дека се премногу попустливи кон групите што ги смета за закани за националната безбедност. Турскиот министер за правда претходно овој месец рече дека владата ги обновила барањата за екстрадиција на осомничените за тероризам, кои ги бара неговата земја.

Слични содржини