Twitter привремено ги затвори деловните згради

од Vladimir Zorba

Twitter ги информираше вработените дека неговите деловни згради ќе бидат привремено затворени и дека одлуката ќе стапи на сила веднаш.

Во пораката, која ја виде британскиот јавен сервис Би-Би-Си, на работниците им беше кажано дека канцелариите повторно ќе бидат отворени во понеделник, на 21 ноември. Причината за овој потег не беше наведена.

Британските медиуми забележаа дека новата порака од Twitter уследила по медиумските извештаи дека голем број вработени дале отказ откако новиот сопственик на компанијата, Елон Маск им дал ултиматум „да го продолжат работното време и да го зголемат интензитетот на ангажманот или да заминат“.

Twitter не одговори веднаш на барањето на Би-Би-Си за коментар.

Денешното соопштение за привремено затворање на канцеларијата сигнализира дека голем број работници се откажале бидејќи не ги прифатиле новите услови на Маск.

Вработените твитнаа минатата ноќ користејќи го хаштагот #LoveWhereYouWorked заедно со емоџи за поздравување за да кажат дека ја напуштиле компанијата.

Еден поранешен вработен во Twitter , кој сакаше да остане анонимен, изјави за Би-Би-Си дека „кога прашината ќе се спушти денес, веројатно ќе останат помалку од 2.000 луѓе“ во компанијата.

Пред Маск да ја преземе контролата над Twitter, компанијата имаше околу 7.500 вработени. Само неколку дена откако дојде на чело на Twitter, Маск отпушти речиси половина од вработените.

Според извештаите, фирмата вработувала и илјадници привремени работници, од кои повеќето биле отпуштени.

Слични содржини