Убиениот „Лаци“ бил обвинет за убиство во Холандија, избегал без пасош

од Nikola Popovski

Едниот од убиените во кафулето „Шиша бар“, Енес Исени познат како „Лаци“ веќе претходно избегал од Холандија, откако таму бил еден од деветмината осомничени за убиство на колумбиски државјанин на плажата во Берген ан Зи, јавуваат холандските медиуми.

Во февруари 2021, „Лаци“ и останатите осомничени се обиделе да ја киднапираат жртвата во Берген ан Зи, на што Колумбиецот се спротивставил. Тој бил застрелан и по кратко време починал од раните.

Според тамошните медиуми, убиството било во врска со продажба на „лажен кокаин“.

Откако прво избегал во Шпанија, „Лаци“ бил екстрадиран и вратен во Холандија, каде што одлежал извесно време во притвор. Сепак подоцна бил пуштен на слобода да го чека судењето за убиството, под услов да не ја напушта земјата и да го предаде пасошот во холандски суд. Не е познато како без пасош влегол во Македонија.

Исени заедно со Јетон Кривањева-Жила беа убиени на 6-ти март, откако во кафулето каде што седеле биле усмртени од неколку непознати лица со фантомки на главата и со црна униформа. Двајцата беа тесно поврзани со скопското подземје. Основниот јавен обвинител Гаврил Бубевски пред неколку дена откри дека околу 50 куршуми завршиле во телата на двајцата убиени во Старата скопска чаршија. Според него, ваквата ликвидација е поради пресметка за позиции на нарко-пазарот.

Слични содржини