УЕФА: Идејата на ФИФА за Светско на секои 2 години е радикален проект кој носи големи опасности

од Vladimir Zorba

УЕФА остро ја критикуваше идејата на ФИФА за одржување на Светското првенство на секои две години, споредувајќи го со проектот од Супер лигата, кој беше предложен претходно оваа година од некои од најголемите гиганти во европскиот фудбал.

„УЕФА е разочарана од оваа методологија, во која радикалните реформски проекти директно се објавуваат и промовираат пред да се дискутираат со сите учесници. Има големи опасности во планот на ФИФА – намалување на вредноста на најголемиот фудбалски настан, кој меѓу навивачите има мистична аура поради одржувањето на секои четири години. Покрај тоа ќе има ерозија на шансите на помалите репрезентации, бидејќи редовните натпревари ќе бидат заменети со завршни турнири. Ризик за издржливоста на играчите кои ќе треба да играат на летни турнири со висок интензитет секоја година, наместо да имаат повеќе време за закрепнување“, се вели во соопштението на УЕФА.

Европскиот фудбалски штаб додаде дека таквите идеи треба да бидат предмет на сериозни консултации помеѓу сите учесници пред да бидат промовирани и додаде дека веќе на 14 септември, сите 55 членови на УЕФА побарале од ФИФА да организира состанок на кој ќе можат да изразат загриженост, но досега ФИФА не одговорила.

Минатата недела стана јасно дека ФИФА ги прочитала податоците од своето истражување меѓу навивачите на прилично манипулативен начин за да објави дека мнозинството поддржувачи сакаат Светското првенство да се одржува почесто. Навивачите беа запрашани колку често сакаат да имаат Светско првенство, при што 11 проценти одговорија „секоја година“, 30 проценти „на секои две години“, 14 проценти „на секои три години“ и 45 проценти „на секои четири години“. Од ова, ФИФА заклучува дека 55 проценти од испитаниците сакаат Светското првенство да се одржува почесто отколку порано, но го игнорираат фактот дека најголемата поддршка меѓу навивачите има опција да не се промени циклусот.

На 30 септември ФИФА ќе одржи состанок со сите свои членови на кој ќе се разговара за идејата за почесто одржување на Светското првенство.

Слични содржини