Украина го отвора нафтоводот „Дружба“: По падот на Орбан постигнат е договор

Украина денес повторно пушта нафта низ нафтоводот „Дружба“, откако претседателот Володимир Зеленски објави дека поправките се завршени, пренесува Ројтерс

од Кристијан Димков
21 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Володомир Зеленски

Тој ја повика Европската Унија да го деблокира заемот од 90 милијарди евра, кој беше стопиран поради унгарското вето.

Унгарската нафтена компанија MOL веќе поднесе барање за транзит, а се очекува испораките кон Унгарија и Словачка да започнат околу пладне. Долготрајниот прекин на снабдувањето со нафта беше клучна тема на унгарските избори одржани на 12 април.

Унгарскиот премиер во заминување Виктор Орбан, сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, ја загуби власта, а победникот на изборите Петер Маѓар повика на итна стабилизација на снабдувањето. Поразот на Орбан отвори простор за деескалација на тензиите меѓу Киев, Будимпешта и Брисел.

Поправката на нафтоводот беше клучен услов за ослободување на неопходните средства за Украина. Зеленски ја повика ЕУ веднаш да го исплати претходно договорениот заем што Орбан го блокираше, нагласувајќи дека без таа помош на Украина ѝ се заканува банкрот до јуни. Високи претставници на ЕУ најавија дека одлуката за исплата би можела да биде донесена во рок од 24 часа.

Иако Русија ја потврди техничката подготвеност за продолжување на испораките, ситуацијата останува нестабилна. Извори од индустријата тврдат дека Москва планира да го прекине испраќањето казахстанска нафта кон Германија преку друг крак на нафтоводот од 1 мај, што укажува на продолжено користење на енергенсите како политичко оружје.

Зеленски повторно ги предупреди европските партнери дека на долг рок не треба да се потпираат на руската нафта, бидејќи никој не може да гарантира дека Русија повторно нема да ја нападне инфраструктурата. Минатата година транзитот низ „Дружба“ падна на рекордно ниски 9,7 милиони тони, при што Словачка прими 4,9 милиони тони, а Унгарија 4,35 милиони тони.