„Украинска правда“: Шолц и Макрон во конфликт околу испраќањето војници во Украина

Двајцата лидери на средбата зборувале со повишен тон, а Шолц, кој како и повеќето учесници бил изненаден од предлогот, имал „најемотивна реакција“, пишува порталот.

од Бети Божиноска

Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон дошле во конфликт на самитот на европските лидери во февруари во Париз околу потенцијалното испраќање западни трупи во Украина, пишува „Украинска правда“.

Макрон ја претставил својата идеја за поддршка на Украина на состанокот зад затворени врати на кој присуствуваа лидерите на 20 западни земји.

Двајцата лидери на средбата зборувале со повишен тон, а Шолц, кој како и повеќето учесници бил изненаден од предлогот, имал „најемотивна реакција“, пишува порталот, повикувајќи се на неименувани извори.

Шолц наводно бил бесен и го обвинил Макрон дека „се обидува да ги вовлече сите во Трета светска војна“, додавајќи дека средбата треба да се прекине. Макрон, пак, наводно, остро му одговорил на германскиот канцелар и му рекол дека неговиот глас нема да биде пресуден.

„Не ни треба консензус за ова прашање“, наводно истакна францускиот претседател.

Макрон во последниве неколку месеци постојано изјавува дека не треба да се исклучи можноста за испраќање западни трупи во Украина. Неговите изјави предизвикаа низа одговори од сојузниците кои најавија дека немаат намера да испраќаат војници.

Слични содржини