Украински професор: „Путин е во опасност и за функцијата и за својот живот“

од Stefanija Kuzmanovska

Војната во Украина влегува во нова фаза по уште еден напад на Кримскиот мост. Русија сега се заканува со масовна одмазда и складира ново оружје и војници. Гостин на „Нов ден“ беше Максим Камениецки, професор од Институтот за меѓународни односи во Киев.

Камениецки вели дека ситуацијата на Крим е нервозна и дека од двете страни на мостот, кои најмногу го користат Русите, се формирале големи гужви.

„Преку тој мост го снабдуваат Крим, руската војска… Русите сега им препорачуваат на луѓето што доаѓаат и одат од Крим да одат по копно, каде што патот воопшто не е погоден за патување. Ситуацијата е нервозна и тоа секако побива се што велат Путин и руското раководство – дека се оди според планот. Очигледно не оди“, рече Камениецки.

Поради нападот на мостот Русите најавија голема одмазда.

„Најчесто тоа се серии на истрелани крстаречки ракети и дронови“, вели професорот и додава: „Така е секогаш, а така беше и во 10-тиот месец, кога беше првиот напад на мостот на Крим. Русија оваа ноќ напорно се обиде со три бранови напади со беспилотни летала и крстаречки ракети да ги нападне нашите два најголеми пристанишни града Одеса и Николаев, каде до завчера беа формирани тие карвани со бродови што носеа жито. Нивната цел сега е да ги уништат пристанишните објекти во тие градови, но верувам дека подготвуваат удари со другите видови оружје кое го имаат. Веројатно подготвуваат комбиниран напад, но веруваме и во нашите противвоздушни сили кои се доста ефикасни, но за жал не на целата територија на Украина. Се обидуваме да бидеме подготвени за каков било развој на настаните“.

Руската влада во понеделникот објави дека ќе дозволи да истече договорот со кој се дозволува извоз на украинско жито.

„Русија може само да го блокира поморскиот пат. Со тоа што постигна договор со ОН и Турција, а не со Украина. Прашање е дали таа ќе ги раскине договорите што ги има со нив. Тие немаат договор со Украина за транспорт на жито. Ако тој договор не биде продолжен, тогаш повторно ќе бараме некои копнени патишта или патишта преку Дунав… Русија, се разбира, ќе се обиде да го спречи тоа со насочени удари врз инфраструктурата, врз објектите во товарните пристаништа“, рече Камениецки.

Исто така, Русите тврдат дека во нападот на мостот учествувале британски и американски сили. Професорот од Институтот во Киев вели дека руската реторика е веќе добро позната.

„Од почетокот велат дека Американците, НАТО и другите стојат зад какви било успешни акции на нашата армија, бидејќи Русите всушност се срамат што нашата армија има способност да им уништи мост, брод, да нападне голем објект, а тие веројатно се обидуваат, кога Украина ќе успее во нешто, да обвинат дека зад тоа стојат американско оружје, информации од Британија… Тоа е нивната постојана приказна“, наведува тој.

Чистки во рускиот воен врв во стилот на оние од ерата на Сталин

Професорот вели дека Русија веќе започнала офанзива околу Купјанск на истокот на Украина и дека „сега се игра стратешка игра кој ќе ги користи нивните резерви“.

За западните санкции кон Русија, Камениецки вели дека „во глобала не успеале како што требало“. Позицијата на Путин, вели тој, е тешка и комплицирана.

„Треба да делуваат на целата економија за да не може државата повеќе да го развива нормално својот економски систем. Русите сè уште успеваат да го направат тоа, дури и да произведуваат оружје со помош на западните делови. Тоа најмногу не загрижува. Ракетите што сега ги произведуваат и подготвуваат содржат делови произведени во земји кои се наши сојузници, тоа е нашиот проблем. Позицијата на Владимир Путин е тешка и комплицирана од почетокот на војната. Во моментов тој сè уште има проблеми во неговото воено раководство, каде што започнаа чистките познати уште од времето на Сталин. Многу генерали, високи офицери беа сменети на други позиции, од армијата, уапсени и така натаму. Сето тоа предизвикува тензии меѓу безбедносните сили и луѓето во военото раководство. Тоа отсекогаш било проблем во Советскиот Сојуз – односот меѓу армијата и т.н ‘заштита’. Мислам дека слична врска се случува и сега. Мислам дека Путин е секако во опасност и за својата положба и за својот живот“, рече Камениецки.

Тој го коментираше и ставот на „бунтовникот“ Евгениј Пригожин.

„Тој човек навистина има специфична репутација и позиција во руското општество. Сигурно веќе некое време е илегалец во Русија. Тешко му е да го направи тоа. Лесно е да се најде човек во Русија ако си поставиш таква цел. Тој сигурно е во поголема опасност од Путин, но зад него се уште некои луѓе кои му веруваат и можат да дејствуваат во руската армија и тоа е една од можните личности кои можат да му направат проблеми на Путин. Мораме да внимаваме што се случува околу него. Најверојатно се крие и не е во јавноста барем од безбедносни причини“.

Слични содржини