Украинскиот план од 12 точки за Крим: „Ќе го срушиме мостот и ќе ги протераме Русите“

од Stefanija Kuzmanovska

Украина подготви план од 12 точки за полуостровот Крим по неговото повторно преземање, изјави секретарот на Националниот совет за безбедност и одбрана, Олексеј Данилов.

„Во план е рушење на Кримскиот мост, кој овозможува железнички и автомобилски превоз меѓу полуостровот и руското копно преку Керчките врати“, напиша Данилов на Фејсбук.

Тоа вклучува и протерување на сите оние кои им служеле на руските власти откако полуостровот беше окупиран во 2014 година, рече тој, нарекувајќи ги тие службеници „ѓубриња“.

Данилов како пример за модел ја наведе денацификацијата на Германија по Втората светска војна.

„Руските соработници и предавници на украинската држава ќе се соочат со судење во втората фаза од планот. Русите кои се населиле на полуостровот по 2014 година ќе бидат протерани, а сопственоста на имотот ќе биде поништена“, додаде тој.

„Ќе се спроведе сеопфатна програма за детоксикација со цел да се неутрализираат последиците од руската пропаганда врз свеста на дел од јавноста“, напиша Данилов.

Политичките затвореници, меѓу кои има и многу кримски Татари, веднаш ќе бидат ослободени, заклучи тој.

Слични содржини