Уметници бараат да започне да се реализира „Стоунбриџ Студиос“, Владата најавува одлука за еден месец

од Берта Китинска

Дваесет и седум македонски, српски и балкански професори, театарски, филмски и музички уметници, упатиле отворено писмо до македонската Влада за да започне со реализација на проектот „Скопје технолошки парк“ и преку него да се реализира филмскиот град.

-Технолошки Парк Скопје е проект кој во моментов е во процедура за утврдување на статус на стратешки инвестициски проект за кој течат роковите за постапување согласно Законот, велат од влада за „Локално“ во врска со стратешка инвестиција „Стоунбриџ студиос “ која ќе ја вброи Македонија на мапата на светската филмска индустрија.

Оттаму појаснуваат дека процедурата и условите за добивање статус на стратешка инвестиција е иста за сите добиени барања за стратешки инвестиции.

-Ве информираме дека најдоцна за еден месец ќе има одлука во врска со поднесениот проект што е предмет на вашето прашање, посочуваат од Влада.

Од министерството за транспорт и врски велат дека веќе е формирана работна и оперативна група за стратешки инвестиционен проект во која членуваат повеќе институции.

-Оперативната група е должна да ја провери комплетноста на документацијата на проектот и финансиската состојба на Инвеститорот согласно Законот за стратешки инвестиции.Постапката на разгледување е во тек по што работната група ќе ја извести Комисијата за стратешки инвестиции при Владата, велат од министерството на Бочварски за „Локално“.

Во писмото се наведува дека оваа иницијатива претставува еден од најперспективните предизвици за севкупен економски, културен и технолошки исчекор на македонското општество.

Познатиот холивудски актер Џон Малкович кој го предводи проектот пред еден месец најави дека во Скопје ќе се снимаат холивудски филмови, веднаш откако ќе се изградат повеќе филмски студија во рамки на проектот „Технолошки Парк Скопје“ (ТХП).

Малкович појасни дека работи на создавање филмско, музичко и медиумско студио од холивудски калибар, со сертификат за еколошка градба во Скопје, што ќе биде прво студио од ваков тип на целиот Балкан.

-Решивме да го наречеме проектот „Stonebridge Studios“ во чест на богатата култура и неверојатната историја на македонскиот народ, истакна Малкович и порача дека како Балканец по потекло му придава специјално значење на овој проект.

Актерот цврсто верува дека проектот ќе биде од клучно значење за земјата и регионот.

Б.М.

Слични содржини