Уште една европска земја воведува карантин за невакцинираните

од Nikola Popovski

Словачка воведува построги мерки за лицата кои не се вакцинирани против коронавирус поради зголемувањето на бројот на новозаразени и хоспитализирани, што го оптоварува здравствениот систем на земјата, изјави денеска словачкиот премиер Едуард Хегер.

Земјата со 5,5 милиони жители забележа рекорден број случаи на новозаразени во последните денови, а на почетокот на неделава објави дека има уште 20 кревети во одделенијата за интензивна нега.

„Тоа е затворање за невакцинираните“, рече премиерот Хегер на прес-конференција. Тој предупреди дека состојбата во болниците е критична.

Според новите правила, само лицата кои биле вакцинирани или прележале Ковид-19 во последните шест месеци ќе смеат да влезат во ресторани, трговски центри, спортски активности и јавни настани.

Мерките стапуваат на сила во понеделник и се очекува да траат три недели. Словачка има една од најниските стапки на вакцинација во Европската унија, со 45 проценти. Премиерот Хегер истакна дека не може да ги натера граѓаните на Словачка да се вакцинираат, но во тој случај државата мора да направи се за да се заштити.

 

Слични содржини