Узунов: Кога ќе ги ограничиш цените на производите, си направил кеиф на богатите, повеќе отколку на сиромашните

од Nikola Popovski

Цените на производите растат со месеци, а денес граѓаните се повеќе ги чувствуваат овие поскапувања. Тие се жалат дека цените на одредени производи несразмерно се зголемуваат и дека за едни исти производи има драстично различни цени.

Во недостиг на конкретна реакција, граѓаните очигледно треба да отворат четири очи пред да се решат да купат некој производ.

Главното прашање останува дали покачувањето на цените е поради производителите или поради трговците. Според професорот на Правниот факултет, Ванчо Узунов цените кога е нестабилно време имаат тенденција да растат и делумно „вината“ е кај трговците и производителите. Тој во разговор за „Локално“ вели дека за да може да се каже чија е вината, треба да се иде од производ од производ.

-Не може до еден човек да биде. Фактот е дека цените се зголемени уште од производителите, имаат набавки, транспортот, многу прашање се поврзани, а трговците во таква ситуација не би биле трговци, кога не би гледале да искористат и да ги зголемат цените. Кој колку точно, тоа никој не може да каже во моментов, оценува Узунов.

Професорот смета дека во моментов е добрејден нов пакет кризни мерки, но главното прашање останува за кого.

-Не може да биде насочен за сите граѓани, туку за најзагрозените, не за сите, а сега сите кај нас што се чувстуваат загрозени е друго прашање. Има објективни критериуми што е загрозен, а што не, прецизира Узунов.

Во однос на најавата на министерот за економија, Крешник Бектеши да се укинат сите давачки и да се зголеми увозот на основните прехранбени производи по поволни цени на граѓаните отколку да се субвенционира со милиони евра како производство, Узунов истакнува министерот сака да воведе конкуренција и со конкуренција да ги намали цените на производите.

-Кај некои може да успее, но кај други не знам дали. Проблемот е што повторно популистичка мерка е да се ограничуваат цените. Кога ќе ги ограничиш цените, си направил кеиф на богатите, повеќе отколку на сиромашните. Сиромашните пак ќе немаат, а богатите ќе ги купуваат евтино и ќе трошат повеќе. Нема замрзнување на цените. Ако ги замрзнеш цените, повторно им помагаш на богатите. Ќе им помогнеш со парична помош на сиромашните. Богатите нека си водат сметка- ако не му скапо на некого, нека купува, ако му е скапо, нека намали купување. Се друго е чист популизам и на таа сметка ние ќе ја платиме. Со рамни даноци, пак ќе ја платат сиромашните. Ништо не си направил, само си го одложил плаќањето на цехот во иднина, ама пак сиромашните ќе го платат. Тоа е неправилна политика, дециден е Узунов.

Граѓаните се почесто пријавуваат во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) секакви неправилности околу производите во маркетите. Од таму во изјава за „Локално“ велат дека се на терен и воочуваат манипулации, но ДПИ не одлучува за висините на казните, бидејќи тоа е пропишано со закон, додека законите ги предлага Министерството за економија.

-ДПИ може да врши надзори согласно закон, не може да промени ништо по тој однос. Што се однесува до висините на казните за непочитување на Одлуката се движат од 800 до 10000 евра во денарска противвредност за правно лице и од 50 до 500 евра за одговорно лице, информираа од Инспекторатот.

Според нивните податоци, во изминатиот период утврдени се 10 неправилности по однос на одлуката на Влада бр.41-5343-1 од 15.06.2022 за посебни услови за трговија на одделни стоки (маржа на прехранбени производи) и 7 неправилности кај трговци со пелети на целата територија на Република Северна Македонија.

супермаркет

И од Организацијата на потрошувачи (ОПМ) тврдат дека имаат примено голем број поплаки во однос на цените на прехранбените производи.

-Во однос на прехранбените производи најголем дел од поплаките се однесуваат за  покачувањето на цените на основните продукти, односно млечните производи, лебот, маслото за јадење, појаснуваат од ОПМ во изјава за „Локално“.

Од таму додаваат дека со започнувањето на кризата самите потрошувачи започнале да штедат, односно поради поскапените цени најчесто и самите започнале да ги менуваат навиките, купувајќи поефтини производи од оние кои претходно ги купувале.

-Освен за прехранбени проиводи, најголем број на поплаки до Организацијата на потрошувачите на Македонија, пристигнуваат за проблеми со производи од бела техника, технички апарати, конкретно за проблеми со гаранција и  сервисирање, проблеми со недоставување на мебел, оналјн продажбата, поконкретно нелегалната продажба на социјалните мрежи, финансиски услуги итн, ни изјавија од ОПМ.

До затворање на текстот, најголемите маркети во земјава не изјавија за нашата редакција дали производителите или трговците ги качуваат цените на производите.

Н.П.

Слични содржини