Опасна ескалација во регионот на Блискиот Исток. Со повеќе од 200 борбени авиони и над 330 различни оружја Израел ги нападна иранските нуклеарни постројки и фабриките за балистички ракети. Ликвидирани воени команданти, меѓу кои и генералот Мохамед Багери, началник на Генералштабот на иранските вооружени сили. Меѓународната агенција за атомска енергија потврди дека објектот за збогатување ураниум е меѓу нападнатите објекти. „Ја погодивме високата команда, ги погодивме високите научници вклучени во развојот на атомската бомба. Ги погодивме нуклеарните постројки. Акумулираме достигнувања. Затоа, ве молам повторно строго да се придржувате до упатствата на Командата на домашниот фронт. Многу е веројатно дека ќе треба да останете во заштитени подрачја многу подолг период отколку што сме навикнати досега“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху. Врховниот лидер на Иран, Хамнеи, предупреди дека Израел ќе претрпи сериозни последици. Техеран возврати со напади со над 100 беспилотни летала. Израелската одбрана ги повика Израелците да ги следат упатствата на Командата на домашниот фронт и да останат дома или во засолниште.
Светската јавност со вперени очи кон тамошниот регион, но и со доза на страв поради можна ескалација. Во кратка анализа за „Локално“, Сем Вакнин, израелски аналитичар и поранешен советник во Владата во времето на владењеето на екс-премиерот Никола Груевски, вели дека по уништувањето на раководството на неговиот посредник на Блискиот Исток, Хезболах, се случи квалитативна промена во иранската политика. Вакнин оценува дека Иран донесе стратешка одлука да произведува нуклеарно оружје и ракетни глави потребни за нивно носење и испорака до Израел.
-Иран го зголеми збогатувањето на ураниумот и почна да ги составува боевите глави. Им забрани пристап на инспекторите на МААЕ. Немаше начин Израел да го прифати овој егзистенцијален ризик.
Исто така, постои ретка можност да се реализира долгорочната цел на Израел за онеспособување на Иран. Иранската воздушна одбрана во голема мера беше уништена во претходниот одмазднички израелски напад во октомври 2024 година. Долгите раце на Иран на границите на Израел се во екстремен хаос и многу ослабени. Во Иран постои вакуум во раководството, големи социјални немири и земјата е во агонија на огромна економска криза, тврди соговорникот во разговорот.
На прашањето дали целта на стратегијата на Израел не била само да се онеспособат ракетните бази на Иран, туку и да се неутрализираат членовите на врвното воено и научно раководство на Техеран – тактика што претходно имаше разорни ефекти врз Хезболах и неговата способност да одржува организиран одговор, Вакнин посочува дека Иран не е Хезболах.
-Тоа е регионална сила со голема длабочина на лидерство и експертиза. Ваквите целни напади можат да ги одложат процесите вклучени во развојот на нуклеарно оружје, но не и да ги завршат или поништат. Иран е предодреден да стане нуклеарна сила и Израел подобро е да почне да се навикнува на идејата – начинот на кој Индија се прилагоди на нуклеарните амбиции на својот лут непријател, Пакистан, тврди аналитичарот.
Според Вакнин, Иран е обврзан да возврати со ракети и беспилотни летала, но неговиот одговор веројатно ќе биде далеку под неговите закани.
-Неговите воздухопловни сили не се рамни на израелските воздухопловни сили, а неговата воздушна одбрана е уништена. Израел има многу ефикасна противракетна одбрана, иако нема вистинска одбрана од беспилотни летала (ниту една нација нема таква одбрана, како што покажа Украина во својот неодамнешен напад врз Русија).
Соговорникот смета дека порано или подоцна, додека Израел продолжува да ги уништува воените и нуклеарните објекти на Иран, одмаздата на Иран ќе исчезне и тој ќе побара посредништво за да го запре крвопролевањето.
-САД, Саудиска Арабија, Оман и Катар (веројатно со Русија и ЕУ) потоа ќе се вмешаат и ќе посредуваат за договор што ќе вклучува ефективна денуклеаризација на Иран. Секако, секој таков договор е осуден на неуспех на долг рок, но на краток рок ќе му даде на Иран малку простор за дишење. Израел уште еднаш ќе покаже дека е единствената суперсила во регионот и дека не треба да се поигрува со него, заклучува Вакнин.
Воздушниот простор на Иран, Ирак, Израел, Јордан е целосно затворен. Светските лидери загрижени за ескалацијата. Повикуваат на смиреност. „Ги повикуваме сите страни да се воздржат од акции и реторика што дополнително би ги влошиле тензиите. Сите ја разбираме заканата од нуклеарната и балистичката ракетна програма на Иран. Таа претставува закана за меѓународниот мир и безбедност и ги повикуваме страните да дадат приоритет на дијалогот и дипломатијата“, порача Пени Вонг, министер за надворешни работи на Австралија.
„Тоа е навистина непосакуван развој на настаните на Блискиот Исток. Ризикот од погрешна пресметка е висок. На тој регион не му се потребни повеќе воени дејствија и ризици“, изјави Кристофер Луксон, премиер на Нов Зеланд.
Американскиот државен секретар, Марк Рубио, вели дека САД на никаков начин не се поврзани со нападот на Израел врз цели во Иран и дека Тел Авив презел еднострани дејствија. Претседателот на САД, Трамп, претходно се спротивстави на израелскиот напад врз нуклеарните постројки и рече дека сè уште верува во можноста за постигнување нуклеарен договор „Би сакал да го избегнам конфликтот. Иран ќе мора да преговара малку построго. Тоа значи дека ќе мора да ни дадат некои работи што не се подготвени да ни ги дадат во моментов“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Вашингтон нареди повлекување на американскиот персонал од дипломатските претставништва на Блискиот Исток.
Н.П.