Вакцината на „Фајзер“ ја зголеми својата ефикасност на 95%

од Stefanija Kuzmanovska

„Фајзер“ и „Бајонтек“ соопштија дека анализата на третата фаза на тестирање на вакцини против коронавирус покажала дека е 95% ефикасна во спречување на инфекција, вклучително и кај постари лица и дека нема сериозни здравствени ризици.

Компанијата изјави дека во наредните денови ќе побара одобрување од Управата за храна и лекови на САД (ФДА) за употреба во итни случаи, пренесува Си-Ен-Ен. „Фајзер“ изјави дека ќе испрати барање за одобрување до другите регулаторни тела во светот.

„Фајзер“ веќе планира да започне да доставува милиони дози на вакцина до најчувствителните сегменти на населението веднаш штом владата даде одобрување, евентуално пред крајот на 2020 година, изјави компанијата.

Во соопштението се вели дека, меѓу 170 волонтери кои добиле Ковид-19 во клиничко испитување, 162 примиле плацебо, а само осум заразени ја примиле вистинската вакцина.

Ефективноста на вакцината е непроменета во однос на возраста, расата и етничкото потекло, а забележаната ефикасност кај постарите од 65 години е 94 проценти, изјавија „Фајзер“ и „Бајонтек“.

Сè уште не е познато кое ниво на имунитет се добива по вакцинирањето, или колку трае тоа. Волонтерите во тестирањето ќе бидат следени две години за да добијат одговори на овие прашања.

Според првите резултати од истражувањето, вакцината била ефикасна 90 проценти, а ажурирањето на податоците за ефикасноста на „Фејзер“ следело откако друга американска компанија „Модерна“, неделава објави дека вакцината е ефикасна 94,5 проценти според прелиминарната анализа на податоците.

 

Слични содржини