Вархеји: Западен Балкан е од геополитичко и геостратешко значење за ЕУ

од Vladimir Zorba

На 17 јуни се одржа Сесијата “65 години по Договорот од Рим: Дали Европа е целосно економски обновена и интегрирана?” на која панелистите говореа за потребата од сеопфатни економски, инфраструктурни и финансиски мерки со цел постигнување на целите на Римскиот договор. Во воведното обраќање претседателот на Владата Димитар Ковачевски, ги истакна трите главни аспекти поврзани со темата и тоа Усогласување на националното законодавство со законодавството на Унијата, регионалната иницијатива „Отворен Балкан” и економскиот бенефит, како и интеграција на регионот во ЕУ и Единствениот пазар на Унијата.

Во однос на иницијативата Отворен Балкан Ковачевски го подвлече значењето на подобрување на конкурентноста, нови инвестиции, инфраструктурно поврзување, поголем пазар, мобилност и развој на бизнисите во регионот. „Тоа значи подобар стандард и квалитет на живот на сите наши граѓани од целиот Балкан со што ние не сме пазар со 2, туку сме пазар со 12 милиони жители, а тоа значи потенцијал на регионот за повеќе инвестиции и економски бенефит. Регионалното здружување не води кон интеграција на регионот во ЕУ и Единствениот пазар на Унијата.

Меѓу другото Ковачевски потсети дека ЕУ е најважниот економски партнер 80% од нашата надворешна трговска размена е со земјите членки на Унијата, 80% од странските инвестиции исто така се од земји членки на ЕУ”

Министерот Бесими ги поздрави постигнувањата на единствениот пазар, нагласувајќи ги придобивките за граѓаните кои произлегуваат од зголемената конкуренција и стандардизација како и можностите за поголема мобилност и пристап до работни места.

Во видео обраќањето, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, се осврна на предизвиците со кои се соочуваат државите после пандемијата со Ковид-19 и руската инвазија врз Украина. Западниот Балкан останува наш приоритет, а Економскиот инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан останува главен механизам за забрзување на ЕУ интеграцијата на овој Регион – истакна Вархеји. Еврокомесарот додаде дека соработката со Западен Балкан е од геополитичко и геостратешко значење за ЕУ и нагласувајќи го значењето на Преспанскиот договор ја повика Бугарија да не ја кочи ЕУ интеграцијата на Република Северна Македонија.

Свои обраќања имаше премиерот на Србија, Ана Брнабиќ, министерот за економски развој и туризам на Црна Гора Горан Ѓуровиќ, министерката за економија на Косово Артане Ризваноли, генералниот секретар на советот за регионална соработка Мајлинда Брегу, директорот на ЦЕФТА Емир Џикиќ, заменик директорот на Џорџ Маршал Центарот за безбедносни студии амбасадорот Ерик Нелсон и Матео Бономи од италијанскиот Институт за меѓународни односи.

Панелистите и Регионалниот директор на Економист Џоан Хој како модератор на панелот на крајот на сесијата заклучија дека регионалната соработка е особено значајна алка за процесот на интеграција на регионот во ЕУ.

Слични содржини