Велика Британија пресече: Помладите од 30-годишна возраст нема да ја примат АстраЗенека

од Nikola Popovski

Британскиот мешовит комитет за вакцинација и имунизација (JCVI) денес им препорачал на британските власти вакцината АстраЗенека да не им се дава на лицата под 30-годишна возраст кога тоа е можно поради многу реткиот несакан ефект на згрутчување на крвта во мозокот.

Веи Шен Лим, претседател на JCVI, изјавил дека врз основа на достапните податоци и докази, одборот советува дека е подобро да се понуди алтернатива за вакцината АстраЗенека на возрасни лица на возраст под 30 години кои немаат здравствени проблеми.

Тој објаснил дека за помладите луѓе, каде ризиците од хоспитализација се многу помали, подобро е да се користат други вакцини кога ќе се земат предвид ризиците и придобивките од вакцината АстраЗенека.

„Не препорачуваме да се запре вакцинацијата во кое било време во која било возрасна група. Препорачуваме да се даде предност на една вакцина пред друга за одредена возрасна група, навистина од исклучителна претпазливост, и не затоа што имаме сериозна загриженост за безбедноста на вакцината “, рекол Лим на состанокот.

Тој додал дека луѓето сепак треба да ја земат втората доза на вакцина Астразенека доколку ја добијат првата.

Препораката беше објавена откако британскиот медицински регулатор МХРА утврди можен несакан ефект на вакцината развиена од Оксфорд и АстраЗенека, во која има редок згрутчување на крвта во мозокот.

Извршниот директор на МХРА, Џун Рајн истакна дека придобивките од вакцината ги надминуваат ризиците за огромното мнозинство луѓе, што беше потврдено денес од Европската агенција за лекови.

Да потсетиме, Европската регулаторна агенција (ЕМА) објави дека пронајде врска помеѓу вакцината АстраЗенека и формирањето на редок тромб, но истакна дека придобивките од вакцината АстраЗенека сè уште ги надминуваат ризиците од можни несакани ефекти.

„Заклучивме дека формирањето на абнормални тромби во комбинација со ниски тромбоцити треба да се наведе како можен редок несакан ефект на вакцината“, рече извршниот директор на ЕМА, Емер Кук.

Слични содржини