ВИДЕО: Кучето робот „Спот“ бара преживеани во разурната гаража во Њујорк

од Stefanija Kuzmanovska

Четирикатна гаража за паркирање се урна во вторникот во долниот дел на Менхетен, во Њујорк, во близина на Универзитетот Пејс, при што загина најмалку еден работник, а се повредени уште петмина.

Пожарникарите од Њујорк активирале куче-робот и го испратиле меѓу урнатините на гаража на Менхетен. Неговата задача е да пронајде преживеани, но и да го процени уништувањето во кое загина еден работник, а повредени се пет лица.

Кучето по име „Спот“ се користи на местото на пожарникарите, откако структурниот интегритет на речиси 100-годишната зграда беше прогласен за небезбеден, соопшти одделот.

„Фала му на Бога што имаме куче-робот што може да влезе во зградата. Идеално е затоа што не мораме да испраќаме човечко битие во зграда која е нестабилна“, изјави градоначалникот Ерик Адамс.

Видеото снимено на местото на настанот покажува како Спот, робот од речиси 75.000 долари, се движи кон урнатините и паѓа на страна откако се обидел да се искачи на градежен шут.

Спот, тежок нешто повеќе од 30 килограми, минатата година го купија пожарникарите за мисии за пребарување и спасување, а беше создаден од Boston Dynamics. Оттогаш на кучето му е даденo новo „руво“ со точки што го прави да личи на далматинец, оригиналната раса на противпожарната служба, пишува New York Post.

Слични содржини