(ВИДЕО) Реџепи: Нека покажат малце човечност, нека го изгласаат законот за мигрантите слободно да поминуват низ Македонија

од desk3

 
Предлогот за измени во Законот за азил што побрзо да се најде во собраниска процедура, а покрај надлежните и сите граѓани да покажат поголема човечност кон мигрантите кои се мета на разбојници и профитери во Македонија. Со вакво барање активистите Јасмин Реџепи, Блерта Дачи и Александра Давидовска на вчерашната дискусија „Да им помогнеме на азилантите во Македонија“ во Кампот пред Владата алармираа за голготата низ која поминуваат мигрантите кои транзитираат низ Македонија.

Изнемоштени, со децата на грб, со повредени злобови од долгото пешачење и без можност да го користат јавниот транспорт, мигрантите итаат што побрзо да ја напштат Македонија и да го продолжат патот надвор од границите на оваа држава.

Пречка е сегашниот Закон за азил, кој не им дозволува да го користат јавниот превоз, па затоа мигрантите се принудени да пешачат со километри. Тие честопати се жртви на криминалци, а многумина од нив загинуваат на железничките пруги.

На почетокот на вчерашната дебата пред Владата, модераторот и новинар Адмир Фазлагиќ посочи дека досега официјално загинати се над 28 мигранти.

-Македонија во последните месеци се најде на ударните вести во светските медиуми како земја во која мигрантите се третираат нечовечки и нехумано од страна на државата. Не знаат дека можат да побараат престој, немаат право на превоз со автобус или воз и затоа се движат ноќе по железничките пруги кои им се патоказ кон Србија, а оттаму нивниот пат кон Европа. На тоа патешествие се изложени на напади од разни банди и криминалци кои ги ограбуваат. Официјално досега на пругите загинале 28 мигранти, рече тој.

Активистот Јасмин Реџепи невладина организација „ЛЕГИС“, апелираше за поголема хуманост и посочи за законските практики во Србија, каде мигрантите може да го користат јавниот превоз, да побараат азил или да ја напуштат државата во рок од 72 часа. Според него и надлежните треба да покажат поголема човечност и да ја убрзаат постапката за измени во Законот за азил.

-Дел од мигрантите земаат точаци, дел одат пешки по пругата. Точаците им ги продаваат по 150 евра, сендвичите по 5 евра, водата по 5 евра.Тоа е една голема срамота за Македонија, голема срамота и за нас како граѓани на Република Македонија, и овој момент го користам да упатам апел да ја покажат својата човечност и да не заработуваат од нив на таков начин.

Жално е тоа што ова им се случува само во Македонија. Во Србија и Грција може да користат јавен транспорт, а тука е забрането.

Луѓето кои ги среќаваме единствено што бараат е дозвола да се качат на воз или автобус. Никој од нив не сака да остане во Македонија. И оваа хуманитарна катастрофа не би се случувала кога ние би имале сменет закон. Жалам што оваа процедура не можеме да ја мрднеме да оди што побрзо, бидејќи е лето, на луѓето им е многу тешко. Луѓето имаат потреба од медицинска нега, тоа е една катастрофа што се случува по железнички пруги.

Апелирам што побрзо Законто за азил да се изгласа. Треба во вторник да биде на седница на Влада и премиерот да го потпише за да може да оди во Собрание. Нека покажат малце човечност, нека ја убрзаат оваа работа, нека го изгласаат во Собрание за да можат луѓето слободно да поминуваат низ Македонија. Тоа е единствено решение кое ќе им помогне, вели Реџепи.

Активистката Блерта Дачи исто така апелираше за поголема совесност кај граѓаните.

-Како мајка многу ми беше тешко да гледам децата како се движат низ пругите, родителите како се движат со нив, сето тоа беше многу тешко. Јас би апелирала до нашите граѓани колку можат да бидат хумани, рече Дачи.

Според граѓанската активистка Александра Давидовска од Куманово, не смее да се смета за нелегална работа доколку се помага на мигрантите.

-Чувствувам морална одговорнос т да помогнам. Е сега судете дали е тоа криминал или не е. Затоа што кога ќе сретнеш семејство на автопат, криминал е да го качиш до Куманово, криминал е да примиш дома луѓе од Сирија кои немаат кај да одат, затоа што не е легално. Не смееме да дозволиме да имам таков закон кој таквите работи ќе ги прави да бидат криминални. Не е криминал да им помагаме на луѓето, рече Давидовска.

Движењето по пругите е рута која често ја одбираат мигрантите на нелегален начин да стигнат до западно европските земји, но често поради таа одлука има фатални последици.

Почнувајќи од вчера, Кампот на Слободата активираше и пункт за хуманитарна помош за азилантите кои проаѓаат низ Македонија каде граѓаните може да донираат.

Најпотребни се пилешки паштети, кроасани, вода, затворени обувки, чорапи, фластери, кенгури за бебиња и пелени.

Слични содржини