ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата за интерпелација на Спасовски

од Andreja Salpe

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата на која се расправа за интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Пратениците од опозициската партија не можеа да се обратат бидејќи не беа ставени на листата на говорници, поради тоа што, како што беше објаснето од претседателот на Собранието Талат Џафери, тие својата листа ја доставиле до него со неколку часа задоцнување, а денеска нивен претставник не присуствувал на координација за да се договорат.

Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека листата била доставена со задоцнување бидејќи тие доставувале кривична пријава за Џафери за 36. седница, на која присуствуваа пратеници со скафандери заразени со Ковид-19. Обвини дека досега не се случило интерпелација за министер од власта да помине без пратеници од опозицијата.

-Вие си продолживте со седницата како ништо да не се случило, а ова е еден поголеми скандали што се случило во 30 годишната плуралистичко делување во Македонија. Првпат во историјата на парламентаризмот најголемата опозициска партија и најголемата партија со пратеници, да не им се дозволи да расправа по работата на еден министер. И се одзема правото на опозицијата да дискутира со вашето образложение што го дадовте иако вакви примери имало безброј пати изминатиов период, рече Мицевски.

Тој го обвини Џафери дека бега од одговорност со самото тоа што не дозволува опозицијата да зборува на седницата, како за денешната интерпелација како и за двете други отфрлени интерпелации, според него, а според опозициската партија се уште се активни за вицепремиерот Љупчо Николовски и за министерот за правда Бојан Маричиќ.

-Поднесени три интерпелации врз клучните ресори, ние немаме право да дискутираме. Ова не е демократија, ова што се случува во Македонија се типични потези на авторитарно однесување на власта и неслучајно меѓурабодни релевантни институции ве имаат вброено како хибриден режим, рече Мицевски додавајќи дека пратеничката група нема да биде параван на авторитарното владеење на власта и ќе ја напушти седницата.

Претседателот на Собранието Талат Џафери повтори дека опозицијата е сама виновна за претходните две интерпелации бидејќи барале да се тргнат од дневен ред, и како што кажа има процедура како да се вратат. -И трето, јас со задоволство ќе ја пречекам вашата интерпелација за мојата функција претседател на Собранието затоа што јас сум претседател на Собранието и овде не работам по ќефот на пратеничките партии туку спроведувам Деловник што ме обврзува во контекст на членот 60 од Деловникот, рече Џафери. Се дотогаш, додаде тој, ваша волjа ваша одлука.

Слични содржини