ВМРО-ДПМНЕ: Оставка од Андов за бегствата од затвор и одговорност од надлежните

од Radmila Tasevska

Од опозициската партија велат после двете бегства од затворот во „Шутка“ во кој директор е Филип Андов, наречен Сокол, истиот треба да биде разрешен. Исто така, после ваква серија бегства од затвор, одговорност треба да понесе и министерот за правда, Тупанчевски.

„Надлежните и функционерите кои ги раководат затворите се одговорни за скандалозните бегства од затворите кои се случуваат во низа.

На Ковачевски око не му трепнува што во рок од еден месец јавноста дозна за три скандалозни бегства, од кои две се случија во затворот Шутка во кој директорува кадарот на СДС, Филип Андов наречен Сокол. После ваков случај Филип Андов требаше да биде разрешен, кога веќе самиот нема доблест да си поднесе оставка. После ваква серија бегства од затвор, одговорност треба да понесе и министерот за правда, Тупанчевски.

Корупцијата и партизираноста во затворските служби се причината поради која на Македонија и се случува распад на затворскиот систем. Македонија е на врвот во Европа по бегства од затвор. Решето системот на затворите овозможува сериозни криминалци да бидат во отворени одделенија, да излегуваат, па дури и да ги повторуваат делата додека се избегани од затворите.

Да потсетиме во едно од скандалозните бегства кое настана поради непочитување на протоколите, еден затворски чувар беше ранет, а во еден друг случај еден избеган убиец го повтори делото, односно усмрти уште едно лице. Да потсетиме и дека еден од оние коишто избегаа од затворот имал привилегија да биде во полуслободно одделение, што можеби е резултат на неговата блискост со половина државно раководство на СДС, за што сведочи цел фотоалбум.

Што уште треба да се случи Филип Андов Сокол да биде разрешен? Што уште треба да се случи некој да понесе одговорност за овие инциденти?

Оваа власт на СДС и ДУИ е криминализирана и затоа криминалците уживаат ваква слобода. Ова мора да престане. Оваа власт мора да замине“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини