ВМРО-ДПМНЕ: СДС им ја поклони државата на ДУИ

од Stefanija Kuzmanovska

Вчера, со гласањето на Талат Џафери за технички премиер, СДС дозволи уште едно понижување на македонскиот народ, само за да си ги спасат фотелјите и коруптивните зделки, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Верните слуги на ДУИ, вчера го направија македонскиот народ кираџија во својата држава и дозволија партија, која нема број на пратеници, а ни гласови да има премиер на државата. Партија која е се, само не е европска, партија на насилници, кои упаѓаат во институции да се пресметуваат, каде има коруптивни функционери, кои само мислат како да приграбат, што повеќе милиони и имоти за себе и своите деца и внуци“, наведуваат од партијата.

Оттаму додаваат дека Талат Џафери е синоним за политичар и личност, кој е недостоен да биде на ова место.

„Човек кој е близок со криминалното подземје, каде често и се слика со нив, човек кој по потреба ги кршеше законите и Деловникот во Собранието, човек кој си ја вработи ќерката во ЕЛЕМ, а синот полагаше правосуден испит без диплома за завршен факултет, човек кој го блокираше и законот за бранителите, со читање на поезија од говорница“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Народот после се што помина, со право смета дека нема држава но ќе го издржи и Талат Џафери 3 месеци, а после тоа граѓаните со својот глас, јасно и гласно ќе ја искажат својата волја и сите овие криминални структури ќе ги пратат во историјата, по што ќе следува и одговорност, стои во соопштението.

„Никогаш не било полошо! Важно е да ги поразиме“, заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини