Во Археолошкиот музеј во Скопје за првпат ќе бидат изложени вредни наоди од локалитетот „Стибера“

од desk4

Во Археолошкиот музеј  во Скопје, денеска ќе биде отворена изложбата „Стибера, 70 години археолошки истражувања“.  Вредните наоди од античкиот локалитет „Стибера“ – град со 20.000 жители во периодот од 3 век пред, до 4 век од нашата ера  кај прилепското село Чепигово, граѓаните ќе можат да ги видат до 25 ноември.

Градот Стибера бил познат по мермерните статуи. Дел од нив за  прв пат, интегрално ќе  бидат прикажани пред пошироката јавност. До сега се пронајдени околу 60 мермерни статуи на божества и на видни граѓани, но и други вредни предмети.

Првите систематски археолошки ископувања на античкиот град Стибера ги спровел Археолошкиот музеј во Скопје во 1953 г. Археолошките истражувања продолжуваат во 1959 г. и до денес ги води Заводот и Музеј во Прилеп.

Стибера раскажува за својот живот и нејзините граѓани преку откриените градби и преку движниот археолошки материјал, кои се вбројуваат меѓу најпрепознатливите во македонската археологија.    

Изложбата „Стибера, 70 години археолошки истражувања” е финансиски поддржана од Министерството за култура преку Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес за 2023 година.

Слични содржини