Во Европа 40% повеќе луѓе починаа од корона во однос на минатата недела

од Vladimir Zorba

Дневниот број на смртни случаи од Ковид-19 во Европа е 40% поголем од минатата недела, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Портпаролката на СЗО, д-р Маргарет Харис, за Би-Би-Си изјави дека најголем број нови случаи на инфекција се регистрирани во Франција, Шпанија, Велика Британија, Холандија и Русија.

Во последните 24 часа во Русија, 320 лица починаа од компликации поврзани со инфекција со Ковид-19, што е најголем дневен број на смртни случаи во таа земја од почетокот на пандемијата. Досега, 26.589 лица починаа од коронавирус во земјата.

Русија е четврта земја во светот по бројот на инфекции, по САД, Индија и Бразил.

Дневниот број на смртни случаи нагло се зголеми и во Италија. Во последните 24 часа починаа 221 лице. Бројот на мртви расте и во Австрија, а денес бројот на жртви во таа земја надмина 1.000.

Говорејќи денес на програмата на Би-Би-Си „World at One“, Харис рече дека „има интензивно и алармантно зголемување на заразените и смртните случаи низ целиот европски регион“.

„Болниците во некои земји брзо се полнат, и покрај подобро управување со болничкиот капацитет“, предупреди таа.

Таа рече дека бројот на новозаразени се зголемил за една третина во споредба со претходната недела, додека дневниот број на смртни случаи се зголемил за „скоро 40%“.

Таа исто така го коментираше воведувањето на построги мерки во различни европски земји и рече дека резултатите ќе ги видиме дури по две недели.

„Бројот на нови случаи треба да се намали, но тоа нема да се случи преку ноќ“, рече портпаролката на СЗО.

„Добрата вест е дека болниците сега имаат многу подобро разбирање за тоа што се случува тука. Друга добра работа, во извесна смисла, е тоа што големи групи на нови случаи се млади луѓе, со помала веројатност да имаат тешки симптоми. Но, тоа не е гаранција“, рече Харис.

„Овие два фактори сугерираат дека можеби не сме сведоци на такво огромно зголемување на стапката на смртност како што беше случајот во април“, додаде таа.

Слични содржини