Во Словенија расте водостојот на реките: Се стравува од нови поплави

од Stefanija Kuzmanovska

Водостојот на реките во Словенија продолжува да расте, особено во северните и источните делови на земјата. Водостојот се зголемува и во оние речни сливови кои беа погодени од претходните поплави.

Агенцијата за заштита на животната средина на Република Словенија (Arso) издаде портокалово предупредување за целата земја освен за северозападниот дел кој е обоен во жолта боја.

Одредени помали реки во централниот дел на земјата веќе би можеле ненадејно да се издигнат во текот на ноќта, а на места и силно, особено во Нотрањска, во предалпските планини и во областа Караванки и Камнишко-савињски Алпи. Поради променетите услови по последните поплави на делниците каде што се сменети речните текови и корита и места каде што се уште има наноси од материјал и одрони, отпадните води ќе течат поинаку од вообичаено.

Геолошкиот завод на Словенија предупредува на зголемен ризик од повторно активирање на свлечиштата во областите каде што тие беа активирани за време на неодамнешната катастрофа, пишува „Дело“.

Невреме со пороен дожд и ветер вчера предизвика проблеми. Во општина Копер силен ветер го оштети покривот на основното училиште Шмарје и покриената трибина на стадионот Бонифика, а град ја погоди и Ајдовшчина.

Во главниот град водата поплави неколку подруми и улици, а некои возачи мораа да бидат спасени од поплавените подвозници. Поплавена е и инфраструктурата во Горењска, но мештаните се особено загрижени поради одрони. Во областа Шкофјело превентивно се евакуирани некои граѓани.

Командантот на словенечката цивилна заштита Сречко Шестан на телевизија Словенија изјави дека најлошото сценарио не се оствари. Тој повтори дека припадниците на цивилната одбрана се на готовност. Иако прогнозата за денеска е подобра, тој им препорача на граѓаните да бидат внимателни. Според најавите на метеоролозите утре во Словенија времето ќе биде целосно мирно.

Слични содржини