Во Велес откриена спомен биста на Мирка Гинова

од Vlatko K

Велешкото здружение на Македонците од Егејска Македонија „Ѕвезда“ денеска ја откри спомен бистата на Мирка Гинова, учителка, македонска хероина и борец за рамноправноста на Македонците и Грците во Грција што е поставена врз Спомен плочата на загинатите македонски борци од Егејот во граѓанската војна во Грција што се наоѓа спроти гимназијата во Велес.

Гинова била стрелана на денешен ден – 26 јули 1946 година, а со поставувањето на бистата беа одбележани и 103 години од нејзиното раѓање и 70 години од завршувањето на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.

Претседателот на Здружението „Ѕвезда“ Бошко Божиков потенцира  дека со ова тие и оддаваат голема почит на големата македонска хероина Мирка Гинова и искажа благодарост до донаторите и до авторот  на бистата, академскиот скулптор Петре Наневски.

За делото и херојскиот пат на Мирка Гинова реферат пред присутните одржа проф. д-р Ѓорѓи Малковски кој информира дека вината на Ирина, попозната како Мирка Гинова, била нејзината борба, како што самата кажала со своите последни зборови на судењето – „еден ден Грција да стане слободна татковина за сите Грци и Македонци“.

-Но тоа во Грција во 1946 година, не било дозволено бидејќи според грчките државни документи, Грција е етнички најчистата земја на светот, со тоа што Македонците кои ги нема кај нив, не смее да ги има ни во други држави, појасни Малковски.

Тој потсети дека Мирка Гинова е и прва жена стрелана во Грција за политичка вина. Народот ја опеал најзината смрт, а повеќе македонски научници на Мирка и посветија потресни стихови, книги и литературни дела.

-Дури и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, во еден момент, обраќајќи  и се на Комунистичката партија на Грција по повод Преспанскиот договор, за кој тие гласале против, јасно и гласно ја споменал со грчкото и македонското име и презиме Мирка Гинова, потсети професорот Малковски.

На спомен плочата и пред сомен бистата, букети цвеќе положија  делегаиции на здружението „Ѕвезда“ и на сите останати здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од повеќе градови на земјава, како и од Сојузот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Македон“, од Семакедонскиот конгрес, претставници на Општина Велес, политички партии и семејствата на загинатите борци.

Свеченоста беше заокружена со изведба на песна за Мирка Гинова која ја отпеа Марија Димкова.

Слични содржини