Вработениот во Државен архив по грешка додал три нули на набавката за кетеринг

од Берта Китинска

Поранешната министерка за култура Ганка Цветанова на „Твитер“ сподели објава со која шири дезинформација дека Државниот архив распишал тендер за кетеринг вреден пет милиони евра.

Цветанова се повикува на тендерот објавен на Бирото на јавни набавки (објавен и на „Тајм“), а во кој има очигледна грешка – на реалната сума од 354.000 денари биле додадени три нули, па износот станал 354.000.000 денари.

Иако, лесно може да се види дека станува збор за грешка, сепак Цветанова како да е убедена во точноста на сумата ја шири по социјалните мрежи како своевиден доказ за недомаќинското трошење на парите на граѓаните.Од Одлуката за јавна набавка што ја донел Државниот архив се гледа дека станува збор за грешка, односно дека тендерот чинел 300.000 денари или 5.000 евра.

-Измислувањето и ширењето лажни информации на твитер за наводно потрошени 6 (шест) милиони евра за кетеринг за еден ден во Државниот архив, е, пред се, удар врз коалиционата Влада, предводена од СДСМ и врз кредибилитетот и дигнитетот на владината и национална институција како што е Државниот архив, кој претставува значаен сегмент од нашата историја и од нашиот идентитет, изјави директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески.

Тој додава дека Државниот архив ќе поднесе тужба против сторителите на ова гнасно и злобно дело и ги повикува надлежните институции и организации да преземат чекори што се во нивна надлежност и да ги откријат и казнат сторителите на ваквото ширење измислени информации.

-Очигледно во овој предизборен период и во текот на кампањата за парламентарните избори ќе се соочуваме со вакви валкани и подли игри, како и со ниски политички удари врз коалиционата Влада предводена од СДСМ, но вистината секогаш излегува на виделина и секој си го покажува својот образ. По опсежните разговори со вработените во финансискиот сектор на Државниот архив е утврдено дека лицето одговорно за јавни набавки направило наводно ненамерна техничка грешка додавајќи на сумата за кетеринг предвидена за цела 2020 година уште 3 нули. Со тоа сумата од 300.000 која е предвидена за кетеринг на изложби,промоции и гости од странство, кои и не мора да бидат потрошени станале 300.000.000 (триста милиони). Тој и самиот го призна тоа и против него веднаш е поведена дисциплинска постапка за несовесно работење,- изјави Крстески.

 

Слични содржини