Врховниот суд пресуди: Трамп не може да биде избришан од гласачкото ливче

Врховниот суд пресуди дека поединечни сојузни држави не можат да му забранат на Трамп да учествува на изборите

од Бети Божиноска

Врховниот суд на САД едногласно ја поништи одлуката на сојузната држава Колорадо која го дисквалификуваше Доналд Трамп од изборната трка поради наводно учество во нападот на Капитол во јануари 2021 година, пренесува „Вашингтон Пост“.

Судиите ја објавија одлуката вчера, давајќи му нов елан на Трамп пред денешниот „Супервторник“ кога на внатрепартиски избори излегуваат гласачите на 15-тина сојузни држави.

По Колорадо, и Мејн кон крајот на минатата година му забрани на Трамп да учествува на предизборите на Републиканската партија во таа држава.

Државниот секретар на Мејн, Шена Белоуз, ја повлече вчера одлуката да му се забрани на Трамп да се најде на гласачкото ливче на републиканските предизбори откако Врховниот суд пресуди дека поединечни држави не можат да му забранат на Трамп да учествува на изборите.

„Во согласност со својата заклетва и со обврската да ги почитувам законот и Уставот, а во согласност со судијата Андерсон, ја повлекувам својата одлука. Како резултат на изменетата пресуда, ќе бидат изброени гласовите за Трамп од предизборите на 5 март 2024,“ соопшти Белоуз цитрана од „Хил“.

Трамп изјави дека одлуката на Врховниот суд пртставува голема победа за Америка.

„Ова е голема победа за Америка. Важна, многу важна. Подеднакво важна за нашата земја ќе биде и одлуката за имунитетот на претседателот што Врховниот суд наскоро ќе ја донесе, а без која функцијата претседател би станала само церемонијална, што е далеку од целите на основачите,“ истакна Трамп за „Фокс њуз“.

Тој посочи дека ниеден претседател не би можел правилно и ефикасно да функционира без целосен имунитет.
Дополнителен потстрек за Трамп беше и неговата вчерашна победа на републиканските внатрепартиски избори во Северна Дакота каде што освои 84,4 отсто од гласовите, додека неговата најсилна ривалка Ники Хејли, која претходно го порази во Вашингтон, освои само 14,1 отсто од гласовите.

Трамп ги доби сите 29 делегати од оваа држава.

На денешниот „Супервторник“ ќе се гласа во Алабама, Аљаска, Арканзас, Вермонт, Вирџинија, Јута, Калифорнија, Колорадо, Мејн, Масачусетс, Минесота, Оклахома, Северна Каролина, Тенеси и во Тексас.

Слични содржини