Српскиот претседател Алаксандар Вучиќ ги демантираше информациите што се појавија во некои белградски медиуми дека поранешната висока претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон ќе биде негова советничка.
Белградските медиуми објавија дека овој ангажман на Ештон бил и една од главните причини за нејзината вчерашна ненајавена средба со Вучиќ, само пет дена откако тој положи заклетва и официјално стана претседател на Србија.
– Не разговаравме за советнички ангажман, туку за различни теми, како што е состојбата на Балканот и европската перспектива на целиот регион, рече Вучиќ.
Британската Ештон беше висока претставничка на Унијата за надворешна политика и безбедност од 2009 до 2014 година. Во нејзиниот мандат почна и политичкиот дијалог за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.