Вучиќ очекува затворање на моловите во регионот поради тешката криза

од Nikola Popovski

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва од Будимпешта изјави дека доаѓаат потешки времиња и оти верува дека поради растечкиот конфликт во Украина, општеството ќе биде под уште поголем економски и енергетски притисок.

„Клучната борба ќе биде да се зачува ниската цена на струјата и гасот не само за домаќинствата, туку и за компаниите за да не го изгубат местото во производниот синџир“, нагласи тој.

Вучиќ денеска се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан и со австрискиот канцелар Карл Нехамер, а на трилатералната средба беше договорено како и на кој начин трите земји ќе се справуваат со миграцијата што ќе придонесе за подобрување на безбедносната состојба во Србија.

Договорено е, како што рече, пред се со Унгарија, но и со Австрија, да си помагаат кога се работи за гас, храна, чување на нашите граници од неконтролиран упад на илегални мигранти.

Вучиќ додаде дека граѓаните засега немаат причина за грижа, иако допрва следуваат многу потешки времиња.

„Клучната борба ќе биде да се зачува ниската цена на струјата и гасот не само за домаќинствата, туку и за компаниите за да не го изгубат своето место во производниот синџир“, рече Вучиќ, додавајќи дека „преживуваат само најсилните, малите играчи немаат шанса“.

Наскоро, вели тој, ќе бидат затворени трговските центри и моловите во регионот бидејќи нема да вреди продавниците да плаќаат кирија и високите цени на енергенсите.

Тој додаде дека во четврток во Прага ќе се сретне со Урсула фон дер Лајен и дека тема на разговор ќе биде претстојната зима.

„Денеска разговаравме за безброј важни теми. Многу е важно да се зборува за финансии за да се види како да се решат проблемите во иднина. Мора да ја зачуваме нашата стабилност. Засега, луѓето немаат премногу причини за грижа, но допрва следуваат многу потешки времиња“, рече тој, истакнувајќи дека „сè што сме стекнале и заработиле може да се изгуби за шест месеци поради неодговорноста на светските лидери“.

Слични содржини