За 25 дена се попишале над 143.000 македонски иселеници

од Nikola Popovski

Државниот завод за статистика објави дека нивните податоци покажуваат дека за 25 дена, откако започна самопопишувањето на македонските иселеници во странство, 143.755 граѓани ја искористиле можноста да се регистрираат во електронската апликација достапна на popis2021.stat.gov.mk и census2021.stat.gov.mk.

„Бројот на оние кои ја користат оваа можност да го потврдат своето потекло продолжува секојдневно и трендот е во нагорен раст. Во последниот ден имаме 6.600 самопопишани од дијаспората“, велат од ДЗС.

Од таму ги повикуваат сите наши државјани кои по која било основа живеат или престојуваат во странство, имаат македонско државјанство и единствен матичен број на граѓанинот, да го остварат ова право.

Државниот завод за статистика и Агенцијата за иселеништво се задоволни од досегашниот одзив и очекуваат зголемување на бројката, како што соопштија директорите на двете институции Апостол Симовски и Слободна Близнаковски. Тие апелираа сите чинители во општеството да се приклучат на повикот кон дијаспората и да ја искористи можноста да се попише во „што поголем број.“

Во соопштение на институциите се наведува дека се тие се во редовна комуникација со дијаспората и дека се достапни за одговори на сите нивни прашања. Двајцата директори укажуваат на важноста од попишувањето на македонските државјани кои подолго од една година живеат во странство.

„На тој начин тие имаат можност да се впишат во базата на нерезидентно население, а овие податоци на државата и се потребни за соодветно планирање и подобрување на услугите кои дипломатско-конзуларните претставништва ги нудат, како и за подобрување на политиките внатре во државата“, се цели во соопштението.

Опозицијата денеска уште еднаш побара одложување на пописот, посочувајќи дека здравјето на граѓаните не смее да биде заложник, како и дека голем број држави кои сакале да организираат пописи – ги откажале поради пандемијата, како што наведе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Слични содржини