За два дена пронајдени мртви двајца руски олигарси

од Берта Китинска

Се истражува мистериозната смрт на рускиот милионер Сергеј Протосења и неговото семејство, кои се пронајдени мртви во нивната вила во Љорет дел Мар. Меѓу сценаријата кои се разгледуваат е дека 55-годишниот Протосења ги убил сопругата и ќерката со секира и нож, пред да се обеси. Неговото тело е пронајдено во дворот на вилата.

Сепак, локалните власти велат дека доказите засега не упатуваат дефинитивно на тоа, ниту пак е пронајдено проштално писмо. Истрагата останува отворена.Протосења седум години беше потпретседател на руската компанија за природен гас „Новатек“ и неговото богатство се проценуваше на 330 милиони долари.

Ова следува откако во понеделникот во стан во Москва беа пронајдени телата на уште еден руски мултимилионер и на неговите сопруга и ќерка. Државните медиуми објавија дека 51-годишниот Владислав Авајев бил застрелан, исто како и трудната сопруга Јелена и 13-годишната ќерка Марија. Првичните сознанија сугерираат дека Авајев го убил своето семејство, по што се самоубил, но полицијата истражува и други траги.

Авајев беше потпретседател на „Газпромбанк“, третата најголема банка во Русија, пред ненадејно да поднесе оставка. Тој исто така порано бил функционер во Кремљ.

Фактот дека двајца руски олигарси беа пронајдени мртви речиси во исто време и сличностите што ги поврзуваат двата случаи, покренаа многу прашања на кои истрагата ќе треба да одговори.

Слични содржини