Заев: Авторитарните сили ја користеа кризата да наметнат сомнежи кон ЕУ, НАТО, ОБСЕ и ОН

од Nikola Popovski

Длабоките кризни ситуации со коишто се соочи светот на сцена ги врати притаените сили на авторитарната матрица, пишува поранешниот премиер Зоран Заев во анализа за списанието „Предизвици“, на тема „отпорноста на демократиите“. Тој додава дека биле забележани тенденции на ограничување на слободите и човековите права, манифестации на злоупотреба на политичката или економската моќ, а земјите коишто и претходно биле препознавани како автократии, дополнително го засилиле авторитарното владеење под изговор и оправдување дека: „кризните времиња бараат кризно управување“.

-Овие закани по демократијата најчесто се поттикнати од политичките елити кои во такви, кризни услови, се фокусираат на обезбедување на сопствената политичка и економска моќ за сметка на општествениот развој. На овие трендови укажуваат голем број последици, вклучително и широко распространетата ерозија на владеењето на правото и граѓанските слободи, растечката економска нееднаквост и зголемениот неуспех на владите ширум светот во потрагата по широк консензус за заедничка согласност за одговор на овие предизвици. Ние сме исправени пред, можеби, најголемиот предизвик изминативе децении, да ги најдеме и спроведеме постапките што ќе влијаат демократското население да остане силно мотивирано за одбрана на слободите. Но, и да ги вбризгаме фактите низ нашите општества со единствена цел – да ја зголемиме имунолошката отпорност на демократијата, порачува Заев.

Според поранешниот премиер авторитарните сили ги искористиле кризните ситуации со коишто се соочи и се соочува светот, како и последиците и кризите коишто следуваат на билатерален план меѓу одделни држави, за да наметнат сомнеж во однос на целисходноста на мултилатералните организации и колективните политички сојузи, како што се: ОН, ОБСЕ, ЕУ, НАТО и други организации и заедници.

-Сепак, може да се каже дека тие интенции не ги дадоа очекуваните резултати за застапниците на овие сомнежи во меѓународните институции. Во однос на Европската Унија, на пример, неколкуте егзистенцијални кризни ситуации, како: финансиската криза во 2008 година, бранот популизам, Брегзит, па Ковид-19 кризата и актуелната со војната во Украина, воопшто не го доведоа во прашање нејзиното постоење и функционалност. Напротив, ЕУ успева да ги совлада сите противречности коишто произлегуваат од одделните интереси на нејзините земји-членки коишто и во вакви исклучително кризни времиња, кога е очекувано секогаш да ги имаат пред себе националните државни интереси и интересите на своите граѓани, успеа да одржи едно неопходно ниво на консензус и колективна солидарност за прашања коишто се од пресудна важност за иднината на Европската Унија. Особено е важно што ЕУ успева низ кризата да го врати како приоритетно прашањето на проширувањето. Уверен сум дека европските раководства, гледајќи ја мапата на Европа денес, разбираат дека одлагањето на проширувањето со земјите од Западен Балкан ја прави оваа паневропска интеграција нецелосна и тоа создава сериозна „пукнатина“ за влијанија на трети страни со опасни ризици за безбедноста во срцето на Европа, смета Заев.

Тој додаде дека војната во Украина пред ЕУ уште еднаш со сета своја тежина го поставила прашањето за нејзините граници како егзистенцијално прашање.

-Од една страна изразената политичка подготвеност да ги отвори преговорите за членство со: Украина, Молдавија и Грузија, е разбирливо од аспект на тековните воени активности на нејзините источни граници, но истовремено, беше неразбирливо одлагањето на проширувањето со земјите од Западен Балкан, особено со оние за коишто Брисел утврди дека ги исполнуваат критериумите за почеток на преговорите. За среќа, кога станува збор за Северна Македонија, стартната скрининг фаза од преговорите веќе започна и сега е прашање на политичка подготвеност на Брисел да го одржи темпото, со тоа што активно ќе придонесе да се надминат сериозните недоразбирања со Бугарија, анализира Заев.

Слични содржини