Заев: Опозицијата обвинуваше дека ќе се испуштаат работници и дека ќе се затвораат фабриките, но тоа не се случи

од Nikola Popovski

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска гостуваше во економска дебата 24 Анализа на 24 Телевизија, заедно со претседателот на Стопанска комора на Северо-Западна Македонија, Неби Хоџа и универзитетскиот професот Борче Треновски.

„Во март имавме просечна плата од 27.206 денари. Ако можевме за 2 и пол години, не за 4, за 5.000 денари да ја покачиме платата, од 22.300 денари 2017 година пред да дојдеме на власт, до 27.206 денари март месец 2020, тоа се 5.000 денари без малку. За 4 години дополнителните 3.000 денари до 30.000 денари апсолутно се стигнуваат. Тоа е реализирано ветување затоа што за 2 и пол години е толку. Минималната плата е сама по себе доказ дека се остваруваат ветувањата, беше 9.000 денари, ја качивме на 12.000 денари, а потоа и на 14.500 денари. Опозицијата обвинуваше дека ќе се испуштаат работници и дека ќе се затвораат фабриките, но не тоа не се случи. Ние разговаравме со коморите, со фирмите, со бизнис секторот, работодавачите низ дијалог со нив ги покачивме платите. Стопанството сега има помотивирани работници, во услови на недостаток на квалификувана работна сила, повисоките плати се шанса да се задржат квалификуваните работиници, за државата е исто добро бидејќи се зголемува приватната потрошувачка, а Владата останува да работи како сервис. “ рече претседателот Заев.

На прашање кое се однесуваше на изработката на економската програма на СДСМ претседателот Заев рече дека станува збор за многу стручен и вреден документ кој е изработен во консултација со коморите, синдикатите, универзитетски професори и сите засегнати страни и како таков ја отсликува идната економска агенда на новата Влада предводена од СДСМ и коалицијата „Можеме“.

„Се согласувам дека треба да стимулираме пораст на платите, но тоа мора да оди заедно со подигнување на продуктивноста. Зошто? За да бидеме поконкурентни на европските и светски пазари. Ако видите колкава е нашата продуктивност со другите земји, еве земјоделството ќе го земам за пример, југот на Италија, Шпанија, Турција кадешто продаваме исти производи, вино, грозје, раноградинарски култури, тие имаат пониска цена на чинење. Го земав за пример, земјоделството, но така е во текстилот и другите дејности. Ние мора да работиме со работниците и работодавачите, кога одиме веќе на една таква државна стратегија, а ние ќе ја продолжиме како власт доколку добиеме доверба, само во консензус со нив, за да добијат дополнителна продуктивност и конкурентност на своето производство, а користа од зголемените приходи на граѓаните ќе биде и во зголемувањето на потрошувачката на домашни производи. Сите тие пари на еден краток рок се зголемување на потрошувачката моќ. Затоа го правиме тоа сега со државната платежна картичка, со ваучерите да купуваме домашни производи и домашни услуги и да бидеме поддршка на домашното стопанство. Тоа би било краткорочно доколку не ги вградиме механизмите на ефикасност, ефективност и продуктивност за да си ја дигнеме економијата на уште поконкурентно ниво.“ нагласи претседателот Заев.

Слични содржини