Захариева: Луѓето во С. Македонија се останати со тоталитарното размислување

„Ние не можеме да се согласиме на одржување на првата меѓувладина конференција и на старт на преговорите за членство со Северна Македонија, се додека не добиеме правни гаранции и од Скопје и во контекстот на преговори со ЕУ, дека ќе дојде до промена на моменталната политика“, посочи пред бугарскиот парламент денес, Екатерина Захариева.

– Бугарските национални интереси во Република Северна Македонија се предмет на јавен и политички консензус, пренесувани со генерации во надворешната политика на Бугарија и потврдени во Декларацијата на Народното собрание од 10 октомври 2019 година. Оваа Декларација е пример за континуитет и меѓупартиски консензус со што можат да се пофалат само мал број земји. Тоа ни ја даде потребната политичка тежина со цел самоуверено да го браниме нашиот национален интерес во разговорите со Скопје, нагласи Захариева во обраќање пред пратениците , кои исто така ги информираше за најновиот развој на настани во односите со земјава.

Захариева истакна дека Бугарија ќе ги вложи сите неопходни напори за „постигнување квалитативно нов почеток во односите“ со земјава, додавајќи дека Софија во нив отсекогаш покажувала „конзистентност, предвидливост, транспарентност и конструктивност“, пренесува БГНЕС.

– Покрај сите наши реакции за добрососедство, Скопје не ја смени суштината на својата политика кон Бугарија. Обврските кон нашата земја останаа само декларативни, а во суштина Скопје ја продолжи својата политика за поддршка на неоснованите малцински, историски, јазични и други претензии. Имаме долга листа на примери во кои тие не се придржуваат до потпишаните билатерални документи, посочи Захариева од собраниската говорница.

Според мнистерката за надворешни работи на Бугарија, луѓето во Македонија „се уште се во машата на тоталитарното размислување“, за што како пример ја посочи, како што рече, „прославата на годишнината од смртта на Тито, организирана од градоначалникот на Скопје“.

– Додека голем дел од другите републики на поранешна Југославија им оддаваат почит на големиот број жртви на режимот на Тито, во Скопје се слави неговото наследство. За жал, оваа идеолошка конструкција, негувана од „длабоката држава“ го заробува општеството, додаде бугарската министерка за надворешни работи.

Како други примери во застојот на односите меѓу двете земји, Захариева посочи наводни „административни пречки за бугарскиот бизнис во Македонија, доцнење на транспортниот коридор број 8, антибугарска реторика во медиумите и искривена медиумска презентација на бугарската позиција“.

– Ја оставме отворена вратата за комуникација и во секој момент сме подготвени за билатерални преговори со Република Северна Македонија, додаде Захариева, пренесува БГНЕС.

Слични содржини