Запалени уште две католички цркви во Канада

од Vladimir Zorba

Уште две католички цркви беа запалени во западна Канада, во области населени со домородно население, со што бројот на изгорени цркви се зголеми на четири од откривањето на илјадници анонимни гробници во близина на поранешните интернати во Британска Колумбија, управувани од Црквата.

Св. Ана и црквата Чопак пламнаа во саботата наутро со помалку од еден час разлика, соопшти канадската полиција.

Официјални лица изјавија дека двете цркви се целосно уништени и сметаат дека пожарите се „сомнителни“.

„И двете цркви беа уништени“, соопшти полицијата.

Пожарите се случија два дена откако беше објавено дека се пронајдени над 750 анонимни гробници на локацијата на некогашниот интернат во Маријавал, управуван од Католичката црква.

Минатиот месец, идентификацијата на остатоците на повеќе од 215 деца во близина на друг интернат од ист тип ја шокираше земјата, илустрирајќи ги ужасите низ кои минале децата на домородните народи со децении во училиштата, управувани од црквата, пренесува Хина.

Станува збор за 150.000 деца кои биле насилно одделени од своите семејства и сместени во интернати низ целата земја, кои биле 139, до 90-тите години на минатиот век.

Многумина биле малтретирани и сексуално злоставувани, а повеќе од 4.000 умреле во тие институции, открила истражна комисија, заклучувајќи дека станува збор за „културен геноцид“.

Властите испитуваат дали има врска помеѓу пожарите во саботата и оние што се случија на 21 јуни во црквите во Пентиктон и Оливер, соопшти полицијата.

Истрагите за овие претходни пожари сè уште траат.

Канадскиот премиер Џастин Трудо во петокот се извини за ваквиот третман на домородните народи, го повика Папата да го стори истото и не ја исклучи можноста за кривична истрага.

Слични содржини